Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека теренската вакцинација против Ковид-19 треба да почне од следната недела.
Теренската вакцинација ќе ја организира секој директор на здравствен дом, во зависност од бројот на жители во помалите места, во руралните места, начинот на кој ќе се искомуницира и ќе почне од почетокот на следната недела, рече Филипче и изрази надеж дека со тоа ќе се зголеми опфатот со вакцинација.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче информира дека вчера имале состанок со директорите на сите здравствени домови.
Оваа недела се вакцинираат нешто над 60.000 граѓани кои се пријавени за вакцинација. Денеска завршува тој процес во повеќе здравствени домови, останува во спортските сали за масовна имунизација. Останува во Скопје, во Тетово и во Битола, рече Филипче по посетата на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје.
Ресорниот министер посочи дека за сите граѓани кои од сега натаму ќе се пријават за вакцинација, вакцинацијата ќе се закажува во пунктовите во здравствените домови и во поликлиниките во Скопје.
Во салите ќе продолжи ревакцинацијата заклучно со последните денови од јули, за во август да функционираат пред се здравствените домови и поликлиниките, појасни Филипче.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.