Судирите меѓу мнозинството и македонската опозиција повторно ја отежнаа расправата за Законот за наставници во собраниската Комисија за образование. Тензиите во еден момент ескалираа, па беше избегната дури и физичка пресметка.

Опозициската ВМРО ја обвини власта дека ги избегнува собраниските процедури предвидени во Деловникот и со сила сака да го одложи донесувањето на законот. Седницата беше продолжение на заостанатата расправа пред половина година во истата комисија.

„На списокот има и многу колеги кои немаат право процедурално да зборуваат. Она што денеска го направи претседателката на комисијата, почна со дневниот ред додека истиот дневен ред во комисијата не е одобрен“, рече Благица Ласоска, ВМРО-ДПМНЕ.

Жаклина Лазаревска, претседателка на Комисијата рече дека на седницата од 17 јуни 2021 година со осум гласа „за“ бил изгласан дневниот ред и затоа Комисијата треба да продолжи да работи и да расправа за платите на наставниците. СДСМ ја обвинува опозицијата дека намерно го попречува покачувањето на платите.

По реакциите на опозицијата, власта се согласи на пратениците да им се даде право на процедурален говор како што и бараа. Со измените на Законот за наставници што ги предложи Владата, се очекува 27 илјади наставници да земаат повисоки плати, а 4.700 наставници да добијат постојан работен однос.