Талибанците денеска соопштија дека ги истражуваат, како што ги нарекоа, „тврдењата“ дека лидерот на Ал Каеда Ајман ал Завахири бил убиен во напад на американско беспилотно летало во главниот град на Авганистан, пренесе Бета.
Сепак, групата во изјавата инсистира дека таа „нема сознанија за пристигнувањето и престојот“ на Ал Завахири во Авганистан. Ова е првпат Талибанците да реагираат на американското соопштение дека Ал Завахири бил цел на нивниот напад во неделата.
Иако Талибанците негираат дека знаеле за присуството на Ал Завахири, американските власти рекоа дека шефот на Ал Каеда престојувал во безбедна куќа во Кабул поврзана со заменик-водачот на талибанците.
Ал Завахири беше убиен во напад кога излегол на балконот на сигурната куќа. Неговото присуство во Кабул и убиството дополнително ги заострија односите меѓу Талибанците и Западот, особено откако авганистанските лидери побараа итна финансиска помош за справување со економската криза што уследи по повлекувањето на САД пред една година.
Талибанците се обврзаа во договорот од Доха дека нема да засолнуваат членови на Ал Каеда или оние кои сакаат да ги нападнат САД.