Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени.

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

-Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени, рече Џафери, кој притоа додаде:

-За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи, рече Џафери.