Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека Ковид-19 останува глобална вонредна состојба, речиси три години откако првпат беше прогласена.
На 30 јануари 2020 година, Комитетот за итни случаи на СЗО прогласи вонредна состојба поради Ковид-19. Таквата одлука помага да се забрзаат истражувањата, финансирањето и меѓународните јавно-здравствени мерки за борба против болеста.
Агенцијата на ОН соопшти дека иако случаите во последниве месеци се намалуваат во делови од светот, земјите сè уште треба да бидат внимателни и да настојуваат да се вакцинираат најранливите групи жители.
-Иако јавната перцепција е дека пандемијата заврши во некои делови од светот, таа и понатаму останува јавно-здравствен настан кој продолжува негативно и силно да влијае на здравјето на светската популација, соопшти Комитетот на СЗО.
Се истакнува дека иако бројот на неделни смртни случаи е најмал од почетокот на пандемијата, тој сè уште е висок во споредба со другите вируси.
-Оваа пандемија и претходно нè изненади и многу веројатно е дека тоа може да се повтори, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Извор: МИА
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.