2021 година ќе биде одлична година за сите што го сакаат телескопот. А за оние кои сакаат астрални претстави, оваа година ќе има многу интересни астрономски настани.
Пристигнувањето на вакцините против ковид-19 кое го чекаме на почетокот на новава година, внесува надеж за подобра 2021, но ако сме страствени астрономи, или пак, ги сакаме астрономските настани – новава година ни носи убави ветувања.
Што ќе се случува на небото? Доста интересни глетки – почнувајќи од Супемесечината на 26 мај до четирите полни месечини во текот на летото, па продолжувајќи со дождот ѕвезди што паѓаат во месецот август, кој ветува дека ќе биде спектакуларен. Ќе бидеме сведоци и на четири затемнувања, две од Месечината и две од Сонцето.
Средба ќе имаат Венера и Јупитер, во зората на 11 февруари. Станува збор за средба на две најсветли небески тела, која ќе може да се забележи на небото, а оваа слика секако ќе ја разубави зората.
Во зората пак, на 5 март, Јупитер и Меркур ќе се појават многу близу на небото.
На 26-ти мај ќе има супермесечина, која ќе се појави доста поголема и посветла затоа што полната Месечина ќе биде многу близу до перигејот – односно најблиското растојание на кое месечината се наоѓа од Земјата во својата елипсовидна орбита – што резултира со малку поголема од вообичаената очигледна големина на лунарниот диск како што е гледано од Земјата.
На истиот ден се очекува и целосно затемнување на Месечината, кое сепак ќе биде најдобро видливо од Австралија, САД, Јужна Америка и југоисточна Азија.
На 10 јуни ќе дојде редот на прстенестото затемнување на Сонцето, видливо само од Русија, Гренланд и северна Канада.
Вечерта на 13 јули, ќе биде можно лесно да се набљудува средбата на Марс и Венера, кои ќе блеснат на летното небо, а пет дена подоцна, на 18 јули , средбата на Марс и Меркур.
Иако целото лето ветува спектакуларно небо, август ќе биде врвот. На 2 август Сатурн ќе биде во опозиција и затоа ќе биде и многу видлив, а вечерта на 20 август ѕвезда на небесната сцена ќе биде сјајниот Јупитер.
Но, најочекуваниот настан ќе се случи на средината на месецот (август), со дожд од ѕвезди. Персеидите ќе бидат воодушевувачки благодарение на целосно отсуство на Месечината и ветуваат дека ќе бидат меѓу најспектакуларните астрономски настани во годината.
На 22 август ќе ја видиме третата полна месечина од четирите што се очекуваат ова лето, традиционално наречена „Сина месечина“.
На 29 октомври Венера ќе блесне на вечерното небо, а на 19 ноември ќе дојде редот на длабоко, иако делумно, затемнување на Месечината.
На 2 ноември, кометата 67П / Чурјумов-Герасименко ќе го направи својот периодичен премин околу Сонцето (67П/Чурјумов-Герасименко станала позната по тоа што Европската вселенска агенција во 2004 година го пратила вселенското летало Розета , од кое што на 12 ноември 2014 година се одвоила сондата Филе која по 7 часа слетала на кометата. Слетувањето на оваа сонда претставува прво слетување на комета во историјатаонаа што ја достигна сондата Розета во 2014 година). Тогаш кометата ќе биде блиску на „само“ 63 милиони километри од нашата планета, тоа е малку повеќе од минималното растојание помеѓу Земјата и Марс. Затоа овој настан може да биде видлив, велат научниците, но ќе мора да се вооружите барем со двоглед и да имате малку среќа за да го забележите. Нема да биде лесно.
Годината завршува со уште еден астрономски настан, на 4.декември, кога ќе се случи целосно затемнување на Сонцето, видливо само од Африка, а ќе следува и дожд од ѕвезди што паѓаат.