За учесникот на ЗОИ 2018 ова не се лесни времиња, поради ковид-кризата никако да почне со трки, но, не се откажува од зацртаните цели, а една од нив учество во СК во бијатлон

Македонскиот нордиец и бијатлонец Ставре Јада, како и многу други спортисти во светот и во Македонија има проблеми сезонава со коронавирусот.
Иако самиот го избегна вирусот, сезоната му е пореметена и тој се уште не знае кога ќе почне зимскиот натпреварувачки дел, односно кога ќе ја има првата трка.

– Моментно не знам кога и каде ќе ми биде првата ФИС-трка. Досега направив пет-шест теста за ковид 19 и сите беа негативни. Но пандемијата ми се одрази негативно во друга смисла. Не можев да излезам надвор од државава за подготовки за сезоната, туку останав во Крушево каде немав најсоодветни услови за тренинг – вели олимпиецот Јада кој ја претставуваше Македонија на ЗОИ Пјонгчанг во 2018 година каде настапи со А норма.

Ставре Јада

И покрај проблемите со подготовките, Јада има планови што би сакал да ги оствари сезонава.
– Во нордиското скијање главна цел ми е да остватам напредок во ФИС-поените, односни да ги намалам за 5-6 (во скијањето помалку ФИС-поени носат повисоко место на ранг-листата н.з.). Во бијатлонот сакам да остварам норма за Светскиот куп и да учествувам во ова елитно натпреварување. За да го достигнам тоа ниво ми требаат три до четири добри трки – вели Јада, признавајќи сепак дека не е во посакуваната форма.

– Не сум задоволен од мојата моментна форма и затоа сум на Попова Шапка каде се подготвувам. На 14 јануари почнува ИБУ купот во бијатлон и сакам да бидам во најдобра форма – вели Јада.

Селекторот на нордиската репрезентација Ѓоко Динески, објаснува зошто нашите нордијци се уште не го започнале зимскиот дел од сезонава.
– Некои трки, кои ги планиравме, беа откажани, а други презакажани и затоа не успеавме да стартуваме. Оваа сезона е тешка и исклучително неизвесна поради корона-кризата. Он натпреварите во нордиско скијање, ќе настапиме на балканските куови и СП во Оберсдорф. Во бијатлон ќе настапиме во ИБУ купот, ЕП и СП, како и во СП за јуниори – вели Динески. Македонскот тим е во состав Јада, Дарко Крстески, Андонаки Костоски, Дејвид Величковски, Михаела Даноска, Дамјан Пејчиноски.