Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара Управата за јавни приходи да направи итна присилна наплата – да ги блокира сметките на фирмите што ја злоупотребиле државната помош за плати и парите да им ги даде на работниците.
„На работниците не им требаат долги процедури и постапки, туку им треба платата“, велат од ССМ.
Реакцијата доаѓа откако УЈП информираше дека и за октомври имало 179 фирми кои земале помош за плата, а ги оставиле своите 330 работници без плата, додека 506 работници во 24 фирми добиле помала плата.
ССМ потсетува дека тие инсистираа државната помош за плати да оди директно на сметка на работниците, но дека тоа беше одбиено со образложение дека системот на УЈП не може да го спроведе.
Работодавачите не се опаметија: 179 фирми што добиле помош пак не дале плата
„Истиот тој систем дозволи државата по четврти пат да биде изиграна и опљачкана од истите ‘газди’ за 5.271.771 денари од финансиската поддршка, и за најмалку 2 милиона денари за придонеси што ќе беа уплатени во државна каса, а со тоа и исто толку месеци работниците да останат без основна егзистенција и плата. Загрижува и фактот што голем дел од овие таканаречени „газди”, се истите оние што на предлог на ССМ беа јавно објавени дека ја злоупотребиле и финансиската поддршка за исплата на платите за месеците април, мај и јуни и против кои се поведени соодветни кривични постапки“, соопшти ССМ.