Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Пресудата против ИРЛ, во која се вели дека ИРЛ не се медиум, а новинарите на ИРЛ не се новинари и дека не смеат да се претставуваат како такви и да креираат новинарски продукти не е само скандалозна!

Оваа пресуда го крши Уставот и членот 16 кој забранува цензура, ги крши меѓународните конвенции кои ја гарантираат слободата на изразување (нпр. Членот 10 од Европската конвенција за човекови права) што земјава се обврзала дека ќе ги почитува, а и други закони од домашното законодавство.

Наместо заштитник на законот, правата и слободите на граѓаните, меѓу кои слободата на изразување е една од најелементарните, со оваа пресуда, судот се става во улога на прекршител на законите и правата.

Воопшто не се сомневам дека оваа пресуда, доколку повисоките судски инстанции во земјава не интервенираат, ќе падне како крушка во Стразбур.

Она што зачудува и се наметнува како важно прашање во целава ситуација е: Каде е и што прави во врска со ова Судскиот совет?

Меѓу надлежностите на Судскиот совет е и „да ја следи и оценува работата на судиите“, „да ги избира и разрешува судиите“, а и „да одлучува за утврдување на одговорност на судија и претседател на суд“.

Што ли ќе рече и дали воопшто нешто ќе преземе Судскиот совет во врска со оваа скандалозна пресуда? Дали конечно ќе видиме конкретни чекори кои би можеле да придонесат за враќање на урнисаната доверба во судовите, која е последица, пред сè, на вакви скандалозни пресуди?

Или ќе чекаме за тоа да одлучува Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а потоа штетата, повторно, ќе се плаќа од буџетот на земјава, односно, ќе ја платиме сите ние?

Превземено од СМК.мк