И 2020 година беше обележана со спортски настани, но пандемијата на коронавирусот воглавно „диктираше“ и поради која беа одложени, откажани многу натпреварувања.
– Пандемијата на коронавирусот целосно го „парализираше“ светскиот спорт во 2020 година
Спортот беше во карантин во повеќето делови на светот од март, а љубителите на располагање имаа само фудбал во Белорусија и Никарагва, сè додека натпреварите не се вратија на програмата, но со строго почитување на мерките и отсуство на навивачи.
Одложени беа Летните Олимписки игри во Токио и Европското првенство во фудбал, откажана сезоната во кошаркарската Евролига, Еврокупот и регионалната АБА лига.
Ситуацијата сè уште не гарантира дека 2021 година ќе биде подобра од аспект на безбедноста, така што постои надеж дека вакцината ќе биде достапна што е можно побрзо, за да може повторно да се ужива во спортот како порано.
– Македонија за првпат ќе игра на едно Европско првенство во фудбал
Како што е веќе познато, со почитување на мерките со цел да се спречи ширењето на ковид-19 и со празни трибините, се одиграа натпреварите во Лигата на нации која ги даде последните патници на следниот континентален собир.
Македонија го победи Косово со 2:1 во Скопје, а 12 ноември 2020 година ќе остане историски за македонскиот репрезентативен фудбал, денот кога сениорите во Тбилиси триумфираа над Грузија (0:1) со погодокот на Горан Пандев.
„Црвено-жолтите“ ќе играат на ЕП во група со Австрија, Украина и Холандија, а сите се надеваме дека и навивачите ќе бидат во можност да ја даваат поддршката од трибините.
– Загина еден од најдобрите кошаркари во светот, Коби Брајант
Светот беше во шок поради веста дека НБА ѕвездата Коби Брајант го загуби животот во хеликоптерска несреќа на 26 јануари.
Во тој кобен пад загинаа уште седум лица, меѓу кои тринаесетгодишната ќерка на Коби, Џијана. Брајант се повлече од кошарката во 2016 година, а во својата кариера освои пет шампионски титули со Лос Анџелес лејкерс, кои ги повлекоа неговите броеви, 8 и 24.
– 30 години чекање, Ливерпул конечно шампион на Англија
Кога веќе зборуваме за Премиер лигата, екипата на Ливерпул ја освои титулата за првпат од основањето на натпреварувањето под тоа име (во 1992 година).
Трофејот наменет за шампионот на Англија го подигна капитенот Џордан Хендерсон, на 22 јули, по спектакуларната победа од 5:3 против Челси.
– Луис Хамилтон се израмни со легендарниот Ф1 возач, Михаел Шумахер
Луис Хамилтон ја освои седмата титула шампион во Формула 1 и така се изедначи со рекордот на легендарниот Михаел Шумахер.
Титулата беше потврдена на патеката во Турција, а само три недели претходно, Британецот го достигна рекордот на Шумахер во Португалија по бројот на победи (91) и до крајот на сезоната стигна до неверојатна бројка од 95 триумфи во Ф1.
– Година во која замина „најголемиот“, Диего Армандо Марадона
„Ел Пибе“ беше првата фудбалска асоцијација на крајот на минатиот милениум. Навивачите во Аргентина, Шпанија и Италија можеа да уживаат во неговата магија, леснотија на движење, дриблинзи, асистенции, голови..
Најголемите фудбалери се простија од Марадона – Пеле, Меси, Кристијано Роналдо, а секој кој имал среќа да го пречека тврди дека зрачел со посебна, скоро божествена харизма, каква што ретко се среќава.
– Тројна „круна“ за Баерн Минхен
Фудбалерите на Баерн Минхен ја освоија шестата европска титула на 23 август, откако во финалето во Лисабон го совладаа ПСЖ со 1:0. Големиот успех на Баерн добива на тежина откако Германците триумфираа на сите 11 натпревари во најсилното европско клупско натпреварување. На патот до титулата, Баерн ја победи и Барселона со неверојатни 8:2.
„Баварците“ ја освоија „тројната круна“ во сезоната што беше прекината три месеци поради пандемијата, откако беа шампиони во Бундеслигата и Купот на Германија.
– Новак Ѓоковиќ повторно прв на АТП листата
Српскиот ас шеста година завршува како најдобар тенисер во светот, што го изедначи рекордот на Пит Сампрас, а доколку остане прв до март, ќе го сруши рекордот од 310 недели на врвот на АТП-листата кој го држи Рожер Федерер.
Ѓоковиќ стигна до 17-та Грен слем титула во 2020 година со победата во Мелбурн, а сезоната ја одбележа и дисквалификацијата од „УС Опен“, кога со топка случајно погоди линиска судијка.
– Одложени Летните Олимписки игри во Токио
На 24 март Меѓународниот олимписки комитет донесе одлука за одложување на Олимписките игри во Токио за следната година поради коронавирусот, а на тоа претходеа бројни пресметки и шпекулации за можно одложување, па дури и откажување на игрите.
Подоцна беше објавено дека Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 23 јули до 8 август, а Параолимписките игри од 24 август до 5 септември 2021 година.
– Како едно убиство ги обедини и спортистите ширум светот
Луѓето се обединијата поради пандемијата, но уште повеќе и по убиството на Афроамериканецот, Џорџ Флојд чија смрт ја предизвика еден полицаец (белец по раса) при негово приведување, односно го притисна своето колено на вратот на Флојд.
Голем број луѓе од меѓународната спортска заедница го осудија овој брутален чин кој се случи на 25 мај во САД.
Беа покренати масовни протести против расизмот, прво во САД, а потоа и ширум светот. На протестите им се придружија и најдобрите спортисти на денешницата – Леброн Џејмс, Луис Хамилтон, Флојд Мејведер, Наоми Осака, Маркус Рашфорд, како и пријателот од детството на Флојд – Стивен Џексон, а во некои американски градови, протести водеа и НБА кошаркарите.
Фудбалерите се најсветла точка во македонскиот спорт во 2020 година