Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го посети Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“ – Скопје. Во оваа прилика, како што информира МВР, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“ и Факултетот за безбедност Скопје.

Обраќајќи се пред наставниот кадар и учениците, министерот Спасовски истакна дека средното стручно образование е една од суштинските алки не само во доменот на она што значи етапен образовен процес, туку уште повеќе и во доменот на личната стручна и образовна профилација на младите која, нагласи, отвора објективен простор за натамошно стручно надоградување и развивање на стекнатото искуство и знаење.

-Се разбира тоа во никој случај не ги ограничува вашите перспективи, драги матуранти, напротив, дава и тоа како квалитетна подлога, и претставува еден своевиден фундамент за понатамошно стручно усовршување и насочување. Во тој поглед дури евидентна е и одредена предност со која што во самиот старт се стекнувате во споредба со другите врсници кои што би се одлучиле своите амбиции да ги реализираат во областите на образование што ги третира АСУЦ „Боро Петрушевски“, рече Спасовски.

Тој ја потенцираше личната улога на учениците, кога ќе почнат професионално да придонесуваат за развојот на македонското општество.

-Сообраќајот како развојна гранка во нашиот секојдневен живот игра клучна улога за подинамичен, поквалитетен и посодржаен развој. Сообраќајот во сите негови форми е фундаментален аспект на модерната цивилизација и влијае врз нашите животи, од транспортот, инфраструктурата до економијата и социјалната кохезија, истакна министерот и упати апел, младите да продолжат да ја почитуваат и негуваат посветеноста на личниот и професионален развој и по завршување на образованието во овој специјализиран училишен центар, да помогнат за развојот на нашето општество.

-На тој пат, секогаш ќе ја имате поддршката од мене како министер и од Министерството за внатрешни работи за заеднички да ја направиме таа реформа на умот која на сите ни е потребна, за да учествуваме и сите да придонесеме кон придвижување на општеството напред . Токму во таа насока ја оценувам и соработката која Вашето училиште ја остварува со Факултетот за безбедност, нашиот стратешки партнер со кој заеднички ги градиме принципите на развој на образованието и обуката за потребите на МВР и на безбедносниот систем во целина. Затоа сум особено заинтересиран да ја следиме имплементацијата на меморандумот за соработка кој ќе биде потпишан денес и да помогнеме за уште посилен развој на двете образовни институции, потенцира Спасовски и им посака на матурантите умешно, вредно и доследно да ги користат стекнатите знаења и вештини.

Пред присутните зборуваше и деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски.

-Развојот на македонското општество зависи од секој поединец и од секоја институција поодделно. Затоа сум особено горд што со нашиот стратешки партнер министерот за внатрешни работи Спасовски и МВР, денеска сме во посета на АСУЦ, покажувајќи ја нашата искрена посветеност и грижа за развојот на млади професионалци кои ќе бидат подготвени да ги носат промените во областа на сообраќајот. Факултетот за безбедност и АСУЦ ќе ја продлабочат својата соработка со новиот меморандум кој ќе ни овоможи пошироки видици за развој на двете институции, рече Дујовски.

Министерот Спасовски го посети АСУЦ на покана на директорот на училиштето, Николовски.