Подготвувате вечера или ручек, масата е поставена, но храната ја пробувате во последен миг- пресолена е. Нема потреба да го фрлите јадењето, кога постојат трикови како да го спасите.
Водата секогаш е решение – ако сте подготвувале гулаш или супа, немате многу проблеми.
Едноставно додајте вода и оставете да зоврие манџата. Ако треба да се згусне јадењето додајте малку брашно изматено со вода.
Киселина за ублажување – лимонов сок или вински оцет, сеедно е што ќе користите, само внимавајте да не претерате. Лимоновиот сок е совршен за спас на пресолена риба или печени компири.
Потопувањето во вода исто е добро – ако сте купиле пресолена шунка или панчета. Едноставно потопете ги во ладна вода да стојат неколку часа. Водата ќе ја извлече солта од нив многу успешно.
Компир и сол – скробот е прилично добар за разблажување на вкусот. Во вашето вариво додајте еден изгмечен компир и ќе се подобри вкусот на јадењето, а истовремено ќе се намали соленоста.
Динстаното пилешко е пресолено? Додајте малку кисела павлака или крема за готвење. Тоа секако ќе ја ублажи солта, но ќе му даде и друга димензија на јадењето.
Превенцијата е најдобро решение – бидете свесни кои состојки ги користите за јадењето. Ако некој рецепт бара користење чадено месо, одредени видови сирење и сл., имајте предвид дека некои од нив се многу солени и таков вкус ќе му дадат на вашето јадење. Исто така ако рецептот бара состојки кои не се доволно солени, имајте предвид дека ќе мора да додадете малку повеќе сол. Во секој случај подобро е јадењето да е помалку солено, отколку пресолено.