Легендарниот музичар Тони Бенет боледува од Алцхајмер уште во 2016 година, но посериозни знаци на болеста почна да покажува две години подоцна за време на снимањето на албумот со Лејди Гага, раскажа сопругата на Тони, Сузан Бенет за „AARP“.
„Има многу работи поврзани со него што ми недостасуваат, бидејќи тој веќе не е оној стариот Тони, освен кога пее“, изјави Сузан.
Болеста на 94-годишниот пејач почнала да зема замав од моментот на дијагностицирање, но за среќа бил поштеден од дезориентираност, што честопати кај пациентите предизивкува лутање, напади на гнев или депресија.
Првите знаци на болеста, Бенет ги забележал во 2015 година кога приметил дека не може да се сети на имињата на неговите колеги музичари.
„На 94 годишна возраст, прави толку многу работи што дури и многумина без деменција не можат да ги прават, тој навистина е симбол на надеж за оние кои страдаат од когнитивни нарушувања“, изјави д-р Гајатри Деви, лекарот кој му ја дал дијагнозата.
Сузан е третата сопруга и главна негувателка на Бенет, која посветува особено внимание на медитеранската диета и вежбање, кои се покажаа многу корисни во забавувањето на процесот на губењето на меморијата.
Д-р Деви вели дека е пријатно изненаден од посветеноста на Сузан.
„Таа очекува многу од него. Мислам дека во тоа и помага нејзиното учителско минато, но и љубовта кон него“, вели д-р Деви додавајќи дека пејачот ги исполнува сите учекувања на неговата сопруга.
Лекарот ја охрабрува Сузан да му дозволи на неговиот сопруг да пее и да настапува што е можно повеќе, бидејќи тоа го симулира неговиот мозок. Иако, последниот јавен настап на Бенет беше во март минатата година, сепак тој вежба двапати неделно.
Сузан се надева дека крајот на животот на нејзиниот сопруг ќе биде мирен, како актерот Шон Конери кој почина минатата година во сон, борејќи се со деменција.
„На тоа се надевам и за Тони. Се надевам дека само ќе заспие една ноќ и тоа ќе биде тоа. Се надевам и се молам да не тргне на полошо“, вели 54-годишната Сузан, која е во брак со Бенет од 2007 година.