На почетокот на 2017 година, Ана Лабор дошла до идеја да ни го долови духот на Преспа, на почеток со производство на природни, рачно налеани свеќи од пчелин восок.

Две жени ѝ се придружиле во приказната – нејзината сестра Елена Ивановски и нивната мајка Виолета Прцуловска. И така ги отвориле вратите на нивната градина, од 50 илјади квадратни метри, овоштарник кој е во семејството од 1960 година, овозможувајќи им на посетителите да го почувствуваат и да го видат производството на овошје, зеленчук, јаболка и цреши, сливи и ореви, да вкусат традиционална храна и, кој си сака, и да си купи производ од нивната фарма. Во оваа рајска градина, како извлечена од Библијата, може да се сведочи на берење овошје, кое потоа може да си го однесете дома. Може да се вкусат највкусните домашни џемови, сокови и најразлични производи направени од овошје. Сите производи се рачно изработени со употреба на мешавина од традиционални и современи методи.

Ана Лабор, Елена Ивановски и Виолета Прцуловска

Тука, на фармата, се одгледуваат осум сорти јаболка, а секоја сорта зрее во различно време од сезоната, што им овозможува на трите жени да понудат услуга за посетителите „набери си сам“, од крајот на август до крајот на октомври.

Во приказната за овоштарникот и фармата, во топлата атмосфера на домот, традицијата и авантурата, низ разговорот нè води Елена Ивановски.

Пред само три години започнавте со производство на природни свеќи од пчелин восок, а сега веќе управувате со овоштарник од 50.000 квадратни метри. Како се сеќавате на почетоците, како се одлучивте да го напуштите градот и да се посветите на агротуризам?

– Нашата приказна започна сосема случајно, сестра ми, Ана, во тој период работеше на идеја да развие сувенир од Преспа, кој е 100 отсто инспириран од природата, но и сите материјали на сувенирот да бидат од околината на Преспа. Така се разви идејата за свеќите, кои и беа првиот производ од брендот „Спирит оф Преспа“ (Spirit of Prespa).  Мајка ми, која важи за вредна домаќинка во околината, ги прави највкусните џемови и слатка од домашно произведени овошки, па набрзо и тие станаа дел од истата приказна. Тука исто така е и дворот кој не го остави рамнодушен никого кој дошол на гости. Во истата таа година ни се случи несреќа, почина татко ми, кој си беше одговорен за овоштарниците што се дел од нашата фамилија повеќе од шест генерации, а одговорноста за нив мораше да се преземе. Така во склоп на сите настани и мили и немили, таа година се роди идејата за алтернативен или агротуризам.

Преспа е непресушен извор кога станува збор за туризам, има сè што треба да има едно туристичко место.

Што наследивте од традицијата на семејството, а што модернизиравте?

– Во последнава деценија стана многу актуелно органското производство, кое бара посебни мерки да биде произведено, ние тие услови ги немавме, па останавме на конвенционалниот начин на одгледување јаболка, се задржавме на она што знаеме да го правиме. Требаше огромна инвестиција, време и труд за тоа. Она што е поразлично кај нас од другите фарми е тоа што ние сме отворени за посета на туристи, од типот на собери си сам јаболка или овошје. Почнавме со организирање настани, прво за бербата на цреши, потоа за сливи и на крај на сезоната, јаболка.

Во вашата приказна клучна улога имаат жените, вашата сестра, мајка, вие? Што е тоа што ја прави приказната успешна кога е раководена од жени?

– Трите ние размислуваме на ист начин, така успеваме да ги реализираме замислите. Секој со своите способности го прави она што најмногу го знае. После секоја критика се коригираме и ја исправаме грешката за нареден пат. А клучот на успехот е нашата заедничка љубов кон она што го правиме.

Го промовирате Преспанскиот Регион преку она што го знаете најдобро, агротуризмот. Во што е духот на Преспа и колку агротуризмот станува модерен меѓу луѓето од градот?

– Почетоците секако дека беа скептични за околината, но со текот на времето мислам дека се менуваат работите, луѓето ги гледаат придобивките од агротуризмот и сè повеќе производители ни се вклучуваат. Преспа е непресушен извор кога станува збор за туризам, има сè што треба да има едно туристичко место. Имаме природна убавина, длабока култура, топли луѓе и сега, со агротуризмот ќе докажеме и колку сме вредни ние „Преспаните“…

Импресивно кај нас е тоа што и самите туристи ја чувствуваат домашната атмосфера

Во последнава деценија стана многу актуелно органското производство, кое бара посебни мерки да биде произведено, ние тие услови ги немавме, па останавме на конвенционалниот начин на одгледување јаболка.

Дали коронакризата годинава ги откажа гостувањата на туристите во вашата фарма?

– Оваа година поради ковид-19 кризата, бројот на туристи беше значително намален, во пролетта ние не ја ни отворивме фармата за бербата на цреши, ни летото за бербата на сливи, ги почитувавме препораките на Владата. Тој период немавме ниту еден турист на нашата фарма. Кога дојде есента и мерките малку се олабавија, за време на јаболкоберот фармата повторно беше отворена за туристи, но со значително помал број заради групирањето, иако сè се одвива на отворено. Голем дел од гостите доаѓаа само да се сликаат, да си купат јаболка, џемови, тикви и слично.  Сепак, во вакво време здравјето ни е најважно на сите.

Што е импресивно кај вас, од тоа што го нудите за туристите?

– Она што е импресивно кај нас е тоа што и самите туристи ја чувствуваат домашната атмосфера, со самото пристигнување им нудиме топло традиционално кафе и домашно зготвен колач од сезонско овошје, како и домашно направени сокови. Откако ќе завршат со закуската, продолжуваме кон насадите, а најмалите добиваат сигурно возење со трактор. Потоа пристигнуваме и започнуваме со берење, каде што гостите ги забавуваме со приказни и факти за нашата фарма. После бербата се враќаме во дворот, а таму ги чека вкусна и традиционална храна, па може и домашна ракија. За дечињата се приготвуваат игри од типот на фати јаболче во кофа, во која тие уживаат, или се раскажуваат приказни.

Локалната храна што ја нудите е приказна за себе. Да ни раскажете дел од таа приказна?

– За традиционалната храна во нашата фарма е одговорна мајка ни и здружението „Рурални жени од Преспа“ кога станува збор за поголеми групи. Колачот со сезонско овошје го спомнавме и претходно, но исто така е интересно што додека групата е во бавчата, во истиот момент се спрема и топло ѓомлезе на сач, преспански крап, сирење од локална фарма и салата свежо набрана од нашата градина, како и други традиционални закуски.

Додека групата е во бавчата, во истиот момент се спрема и топло ѓомлезе на сач, преспански крап, сирење од локална фарма и салата свежо набрана од градината, како и други традиционални закуски.

На што ја сконцентиравте вашата работа во фармата сега?

– Во овој момент единствена работа што преостана на фармата е режењето на садниците или кроењето за наредна година. Со тоа и се завршува со оваа сезона, па на пролет не чека работа за наредната година со желба за поголем род и поуспешна година.

Што планирате во однос на агротуризмот и услугите за туристи веднаш по завршување на кризата?

– Веднаш штом заврши коронакризата ние ќе бидеме отворени за гости. Ќе организираме настани како и претходно, но и ќе се трудеме да смислиме нешто ново. Цело време се спремаме за наредната година како да бидеме попрофесионални и поинтересни за нашите гости, учиме од грешките што сме ги направиле и ги коригираме истите со цел да ја задржиме приказната што сме ја создале за „Духот на Преспа“.

Она што е поразлично кај нас од другите фарми е тоа што ние сме отворени за посета на туристи, од типот на собери си сам јаболка или овошје. Почнавме со организирање настани, прво за бербата на цреши, потоа за сливи и на крај на сезоната, јаболка.

Голем дел од гостите доаѓаа само да се сликаат, да си купат јаболка, џемови, тикви и слично.