Денеска напладне почна мото протестот против неказнивоста за сторителите на тешки дела во сообраќајот, конкретно условна казна за Васил Чорбаџиев, судски прогласен виновник за смртта на мотоциклистот Гоце Димитриевски од Тетово и тешки повреди на неговата сопруга Наташа, која поради тоа го изгуби и нероденото бебе (септември 2020).
Моторџиите се револтирани што Советот на јавни обвинители не најде вина кај обвинителката што го водеше случајот пред судот во декември 2020, па поради тоа го организираа денешниот протест.
– Со мото протестот, ние, мото клубовите и поединци од Македонија, сакаме да ја предупредиме јавноста и институциите дека владее недозволива неказнивост на сторители на тешки кривични дела кои завршуваат со смрт во сообраќајни несреќи каде инволвирани се мотоциклисти. Сообраќајните незгоди можат да му се случат на секого, вклучувајќи не и нас мотоциклистите, но секој треба да одговара за своите постапки. Во изминатите години сме сведоци на многу случаи во кои мотоциклисти гинат на патиштата низ Македонија, а одговорните лица не ја добиваат заслужената казна. Изрекување на казна условен затвор, де факто слобода, во случајот како за сообраќајката кај Млечен, каде загина еден човек и неговото неродено бебе, а неговата сопруга беше тешко повредена, е НЕДОЗВОЛИВА судска пракса, објавуваат моторџиите во најавата за нивниот протест.
Тие сметаат дека судиите кои носат вакви пресуди и обвинителите за кои ваквите пресуди се прифатливи и директно поттикнуваат натамошно дивеење во сообраќајот, кое доведува до нови жртви кај невини луѓе кои се придржуваат на правилата и прописите.
-Затоа овој мото протест е и ОПОМЕНА до судовите и обвинителствата која треба да им биде повод да СЕ ПРЕИСПИТААТ зошто се носат судско-обинителски одлуки што доведуваат до НЕКАЗНИВОСТ.
Мото протестот истовремено е и АПЕЛ до Апелационите судови, вклучувајќи ја и скопска Апелација, да ја преиспитаат пресудата за нашиот брат Гоце настрадан кај Млечен, но и сите други пресуди каде има тешки последици, а има судски одлуки кои се практично НЕКАЗНИВОСТ, објавија моторџиите на кои протестот го почнаа од местото на сообраќајката кај Млечен каде со, блокирање на една лента (со пауза од една минута молчење/или турирање, му одадоа почит на загинатиот.
На нивната рута беше и Основен Суд Скопје 1 каде е донесеа пресудата која предизвика голем револт кај јавноста.