Лидерот на Ал Каеда, Ајман ал Завахири, еден од најбараните терористи во светот, бил убиен викендов во Кабул, во напад со беспилотно летало на Соединетите Американски Држави.

Advertisements

Веста ја соопшти американскиот претседател Џо Бајден во телевизиски говор. Бајден рече дека американските разузнавачки службеници го барале и пронашле Завахири во куќа во центарот на Кабул, каде што се криел со своето семејство. Претседателот ја одобри операцијата минатата недела, а таа беше спроведена од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на 31 јули.

Американските разузнавачи потврдија дека убиениот е Ал Завахири и дека нема други жртви.

„Сега правдата е задоволена и овој терористички лидер повеќе го нема… Колку и да трае, без разлика каде се криете, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат и ќе ве извлечат надвор. Никогаш нема да се колебаме да ги заштитиме нашата нација и народ“, изјави Џо Бајден, претседател на САД .

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Бајден го исполнил своето минатогодишно ветување дека ќе продолжи да ја штити Америка од терористички закани и покрај повлекувањето на САД од Авганистан.

Смртта на Ал-Завахири покренува прашања за тоа дали талибанците го засолниле по преземањето на Кабул во август 2021 година.

Завахири (71) ги надгледуваше терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, заедно со Осама бин Ладен, основачот на Ал Каеда. Бин Ладен и Ал-Завахири побегнаа од американските сили во Авганистан кон крајот на 2001 година, а неговата локација долго време беше непозната.

Тој беше главниот идеолог зад глобалната терористичка мрежа Ал Каеда неколку децении и имаше централна улога во нападите на Ал Каеда врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998 година, три години пред нападите на 11 септември 2001 година, во кои беа убиени околу 3.000 лица. Завахири беше поставен на чело на Ал Каеда по убиството на Осама бин Ладен од страна на американските сили во Пакистан во мај 2011 година.

Исуф Кадриу