Руските воздушни напади уништија речиси една третина од електраните во Украина, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во врска со новиот бран воздушни напади што го погодија Киев и други украински градови, насочени кон станбени области и енергетската инфраструктура. Зеленски на Твитер напиша дека нападите предизвикале масовни прекини на струја низ Украина и дека „не останува простор за преговори“ со рускиот претседател Владимир Путин.
„Друг вид руски терористички напади: таргетирање на украинската енергетска и друга инфраструктура. Од 10 октомври, 30 проценти од електраните во Украина се уништени, предизвикувајќи масовни прекини на струја низ целата земја. Не останува простор за преговори со режимот на Путин“, напиша Зеленски.