Финскиот јавен сервис Yle пронашол остатоци од дрога во три различни тоалети во финскиот парламент, пренесуваат медиумите во регионот.
Врз основа на резултатите од тестирањето на тоалетот за време на традиционалната годишна божиќна забава, биле пронајдени траги од амфетамин, екстази или МДМА и кокаин.
Покрај пратениците, меѓу гостите имало и вработени во пратеничките групи, помошници на министри и новинари, меѓу кои и новинари од Yle, според написите во медиумите од регионот.
Кале Лагерблом, оперативен директор на лабораторијата Мезурлабс, кој ги толкуваше резултатите, процени дека количината на остатоци од дрога е мала.
„Резултатите може да се сметаат за сосема безбедни. Остатоците се навистина мали, но очигледно има остатоци“, посочи тој.
Остатоци од дрога биле пронајдени само во тоалетите, на подот каде се одржувала божиќната веселба, додека во двата тоалета на третиот кат немало остатоци.
Со оглед на тоа што употребата на дрога е се почеста појава во Финска, јавниот сервис сакаше да открие дали трагите од употреба на дрога во Финска стигнуваат до просториите на парламентот, односно таму каде што пратениците донесуваат закони за дроги.
Според анкетите во Финска, се повеќе луѓе имаат пробано дрога.
Процентот на луѓе кои пробале и користеле дроги континуирано се зголемува од 1990-тите до 2020-тите, според извештаите од Институтот за здравје и благосостојба (THL), пренесуваат медиумите.
Околу милион луѓе во Финска пробале канабис, додека во 2023 година од оваа дрога починале рекорден број луѓе, вкупно 310 лица.