Зоран БОЈАРОВСКИ

Коцка по коцка, полека се комплетира мозаикот кој го оцртува предизборниот амбиент, распоред на силите и формациското позиционирање на главните политички играчи на политичката сцена во земјата.

Овие денови од повеќе релеватни позиции е најавено дека е прифатливо парламентарните избори да се одржат како редовни во мај (најверојатно на 8 мај и за прв пат во работен ден наместо во недела) и дека делумно ќе се спојат и со претседателските во еден изборен круг

„Сметам дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите, во нивниот редовен термин, а за финалните ставови на политичките партии ќе информираме тогаш кога ќе се постигне поширок консензус во рамките на Парламентот“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Неколку дена подоцна во истиот контекст за изборите се произнесе и Артан Груби, кој рече дека „сите политички партии се согласни изборите да се одржат заедно и да не бидат предвремени, затоа што во мај има простор да се одржат, согласно нашето законодавство, редовни избори, заеднички значи, и претседателски и парламентарни“, рече Груби.

За ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата ова беше признание за оправданоста на нивното инсистирање да се одржат истовремено и парламентарните и претседателските избори, иако според најавеното тоа е само делумно точно.

Сепак, она што е поважно кога се во прашање изборите е прегрупиорањето, односно позиционирањето на полето за изборна битка. Тоа е исклучително важно како дел од стратегијата и тактиката за поволен изборен резултат ако се има предвид фактот дека според сите досега направени анкети, ниту една партија нема гаранција дека ќе има одлучувачко мнозинство во парламентот.

Дополнително и исто толку важно е да се знае дека македонскиот политички мозаик е невозможно да се исцрта како јасна политичка слика во еден четиригодишен мандат без партија на Албанците.

Со тоа, всушност, доаѓаме до клучната точка која може да гарантира ефектуирање на поволниот, односно, победничкиот резултат на изборите – коалициониот капацитет и политичката волја за сојуз со политички партии со кои понекогаш имало и директни судири и дијаметрално спротивни ставови за важни прашања за државата и граѓаните.

Колку поситно, толку полошо или подобро – кој како гледа

Христијан Мицкоски по официјализирањето на коалицијата Европски сојуз за промени во која влегоа Демократското движење на „огнените“ „отпадници“ од ДУИ, Алтернатива и Беса се здружија во политичка коалиција под името Европски сојуз за промени, изјави дека „обединетата опозиција кај албанските политички партии има голем капацитет да ја победи ДУИ. После 20 години, ДУИ треба да помине 4 години во опозиција“.

Очигледно е дека тој со олеснување го дочека формирањето на оваа коалиција со амбиција да ја покани да улествува во формирањето на идната влада за којашто очекува дека токму тој ќе биде идниот мандатар со дециден став дека сојуз за оваа намена со ДУИ не може да има.

Но, оваа поддршка на Мицкоски за Европскиот сојуз за промени како ветер во грб дојде истовремено и со поддршката на косовскиот левичар Курти. Претходно, во знак на поддршка на Беса, Алтернатива и Демократското движење, Албин Курти, во август во Тетово им дојде на гости на настан кој беше покриен со знаме на „Голема Албанија“.

Ниту тогаш, ниту до ден денеска, ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од Пендаровски, Ковачевски и СДСМ не го осудија веењето на знамето наспроти сите протоколи, туку само се заплетка во толкувања за надлежностите на локалната самоуправа кога се во прашање државни или приватни посети на државници од други земји.

Останува и понатаму обврската на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ да објаснат како ќе коалицираат со политички партии кои имаат дијаметрално спротивни гледишта на најмакедонската партија, како што знаат да се наречат самите себеси.

Освен „надворешните“ фактори што го ситнат капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ за функционална коалиција, можеби многу повеќе штета предизвикуваат и внатрешните бранувања во партијата. Тоа што Мицкоски влезе во отворена конфронтација со поранешниот лидер на партијата Никола Груевски во самата партија е оценето како ризик кој го нагризува кохезивното ткиво на партијата.

Оваа „корозија“ стигна до таму што стануваат сѐ погласни најавите дека на изборите може да се појават и листи со видни членови на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе настапат или самостојно или под некој од брендовите на досегашните фракции на оваа партија коишто не се воопшто малубројни: ВМРО-НП;  ВМРО-ВМРО; ВМРО-ГД-РДП; ВМРО-ДОМ, ВМРО-ДП; ТМОРО-ВЕП; ВМРО-Обединета; ВМРО-Илинден слободни демократи; ВМРО-ДПМНЕ – Македонска; ВМРО-МНДС; ВМРО-Татковинска…

Како ќе делува и како ќе го спречи корозијата на внатрешната кохезија, а со тоа и ова „ситнење“ на коалиционите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ останува да се види. Но, како се намерачил Гриевски да влијае во неговата поранешна партија, најмалку што се очекува е да гледаме уште еден циклус на фракционирање во оваа партија. Иако бара 61 пратеник, Мицкоски е свесен дека без партиите на Албанците не може да состави влада, што автоматски им го отвора патот на партиите што се обединија како „европските сојузници“ за влез во евентуалната нова влада после изборите во мај 2024 година.

И ним им преостанува да ги „проголтаат“ сопствените изјави дека никогаш не би коалицирале со антиевропски партии, па оттаму клучот на успехот или неуспехот на оваа коалиција, ВМРО-ДПМНЕ+Европски сојуз за промени, сепак, се уставните промени.

„Прашањето е, дали по изборите, ако победи, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги усвои измените или ќе го укине договорот со Бугарија? Рационално, би се случило првото, но сепак, ние сме на Балканот, што значи дека прашањето не е само од рационална, туку повеќе е од емотивна природа“, забалежува аналитичарот Сефер Тахири, со што го задрѓува правото на резервираност за договор меѓу овој блок политички партии пред изборите.

Пазарот после изборите е сосема друга приказна, но за тоа останува да се почека до барем малку појасно комплетирање на мозаикот на изборната слика.

Европски фронт за консолидирање на прогресивниот блок

На другата страна на политичкиот спектар сѐ погласни се најавите за дефинирање на коалицијата Европски фронт, па веќе се ставаат на тест и изјави за заеднички изборни листи.

„Коалициите секогаш носат подобри шанси за да се стигне до посакуваниот број пратеници. Предизборните коалиции, особено оние надетничките, се покажале успешни за партиите на локалните и претседателските избори. Освен коалицијата СДСМ-БЕСА на изборите во 2020 година, досега немаше друг случај на коалиции потпрени на граѓанскиот концепт. Ако се случи коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и АА, тогаш ќе биде втора надетничка соработка пред изборите, која би имала шанси да го добие потребното парламентарно мнозинство. Коалициите се особено важни за нашиот изборен систем, кој ги фаворизира“, оцени за Радио Слободна Европа аналитичарот Џелал Незири.

Според него, ако коалициите се познати уште пред избори, „граѓаните би биле поштедени од празни фолклористички кампањи, каде наместо за конкретни проекти се троши енергија за докажување кој е најголем патриот или кој е најголем предавник“.

Иако и од СДСМ, и од ДУИ и од АА се сѐ уште воздржани околу ова прашање за предизборна коалиција, тестирањето на оваа тема е симптоматично, како и најавата дека се очекуваат најновите анкети од чии резултати овие денови се очекува и утврдување на ставот за стратегијата на партиите од овој блок.

Во меѓувреме Ковачевски предизвика внимание со изјавата дека во однос на модалитетот за настап на изборите, вели дека имале разговори со коалициските партнери и ја дополни со оптимизам наспроти на резултатите од досега објавените анкети.

„По изборите наредната 2024 година јас повторно ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на проевропска влада. За СДСМ воопшто не е прашање дали изборите ќе бидат во месец мај или во месец јуни, бидејќи ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година. После изборите јас повторно но ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на влада кој што ќе предводи влада која што ќе ја внеси државата во ЕУ“, рече пред седум дена Ковачевски.

Во анкетите и понатаму најголем е процентот на неопределените

Кога станува збор за анкетите, во секоја од нив во последните неколку месеци и понатаму најголем е бројот на неопределените граѓани.

Аналитичарот Петар Арсовски за овој феномен вели дека „неопределени гласачи по дефиниција се гласачи кои: (1) се мислат помеѓу тоа да останат дома или да гласаат за некоја партија, и (2) се мислат помеѓу две партии, односно постои можност еднаш да гласаат за една партија а другпат а друга“.

„Во Македонија во принцип има малку суштински неопределени, односно гласачи кои не гравитираат кон ниту една опција и одлучуваат целосно спонтано. Во најголем дел од случаите групата 1 е далеку побројна – гласачи кои лавираат помеѓу апстиненција и учество, но ако излезат однапред знаат за која партија би гласале“, објаснува Арсовски.

Што се однесува до коалициите, потсетува Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ не крие дека ДУИ за нив не се посакуван партнер и дека претпочитаат влада без нив.

„Теоретски, ако разликата е мала, можат да направат коалиција со други албански партнери. Прашањето е што е разлика која не го делегитимира таквиот албански партнер. Според мене, разлика од 5 или повеќе пратеници ќе го направи тој политички маневар многу ризичен“, елаборира Арсовски.

Арсовски вели дека ако, на пример, ВМРО-ДПМНЕ сака да направи коалиција со албански партнер кој има 5 или повеќе пратеници помалку од ДУИ, тоа ќе биде проблематично, зашто може да се тврди дека се прави коалиција со нелегитимен, односно „неподобен” албански партнер, кој не е по волјата на гласачите.

Тоа не враќа на некои не многу одамна видени ситуации кога праксата покажа дека ништо не е готово, додека навистина не е готово.

Превземено од Рацин.мк