По критиките минатата година за раното пуштање во оптек на руската вакцина „Спутник V“, резултатите од третата фаза од испитувањата покажале дека таа е 91,6% ефикасна против симптоматски Ковид-19 и 100% ефективна против тешка и умерена форма на болеста, пренесе Си-Ен-Ен.
Прелиминарните откритија се објавени во списанието „Лансет“ и се засноваат на податоци собрани од 19.866 учесници, од кои околу три четвртини (14.964) примиле две дози на вакцина, а една четвртина (4.902) добиле плацебо. Резултатот е ефикасност од 91,6%.
– Advertisement –
Експертизата опфатила и 2.144 лица постари од 60 години и се утврдило дека вакцината и кај оваа возрасна група е добро прифатена и има ефикасност од 91,8%.
Тимот исто така ја анализирал и ефикасноста на вакцината против тешка и умерена форма на Ковид-19 и 21 ден по првата доза не биле пријавени тешки или умерено тешки форми кај вакцинираната група, додека 20 биле пријавени во плацебо групата.
Сериозни несакани дејства поврзани со вакцинацијата биле мошне ретки – помалку од 0,2% кај луѓето кои примиле вакцина. Повеќетото од пријавените несакани ефекти биле лесни реакции, како што се болка на местото на инјектирање, симптоми на грип и слаба малаксаност, се додава во студијата.
Слично на вакцината направена од Универзитетот Оксфорд и АстраЗенека, „Спутник V“ се базира на изменета верзија на аденовирусот, вирус на настинка. Таа е скроена да носи генетски упатства за протеините од врвчињата на вирусот корона, кој ја пренесува инфекцијата во човечките клетки.
Произведениот протеин предизвикува имунолошки одговор за да го заштити човекот од ковид-19.
Научниците изјавија дека резултатите од тестот во третата фаза значат дека светот има уште едно ефикасно оружје за борба против смртоносната пандемија и дека одлуката на Москва да почне со вакцинирањето пред објавувањето на конечните податоци е донекаде оправдана, пишува Ројтерс.