Младиот Амир покажа дека ниедна животна препрека не може да те спречи во желбата да успееш во тоа што го сакаш и во што ќе вложиш многу труд. Нам, како претставници на државата, ни останува да го поддржиме во неговата лична борба за повисоко образование и остварување на потенцијалите, што несомнено ги поседува.
Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со Амир Дестанов од ОУ„Браќа Рамиз Хамид“, кој и покрај тешкото детство успева да стекне основни знаења за математиката, да ја засака и упорно да навлегува во нејзините тајни, за сега и на натпревари со врсниците, да покаже дека е одличен во решавање математички проблеми.
„Амир е наша гордост. Неговите резултати по математика се уште позначајни, затоа што нема исти услови за учење како другите деца. Амир, и другите талентирани деца, заслужуваат разбирање, внимание и целосна системска поддршка. Ние сме мала земја која треба да ги негува своите талентирани деца. Ова е посебно важно за надарените деца, кај кои семејната грижа ја нема или е недоволна, но затоа имаат цврста волја да ги надминат состојбите во кои се наоѓаат и да го постигнат максимумот од личните можности“, нагласи министерот Шаќири.
Тој посебно се заблагодари на наставниците од основното училиште и од Дневниот центар за деца од улица, за големата љубов и посветеност да се грижат и да работат со Амир, со што го потврдуваат ставот дека кога децата ќе станат центар на наставничкиот универзум, тогаш секој успех станува можен.
На состанокот присуствуваше и Арабела Илјаз од Министерството за образование и наука која е координатор на процесот за креирање и имплементација на ромски образовни политики.
Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги развива политиките за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување на нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал, покрај можностите кои и сега се достапни за стекнување на правото за користење на одредена категорија на стипендија и други парични надоместоци, можности за побрзо напредување и преминување од едно во друго одделение, поддршка преку покривање на трошоците за учество на меѓународни натпревари и олимпијади, можности за едукација во новоотворената Математичко – информатичка гимназија во Скопје, како и доделување средства преку Фондот за иновации и посебни програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации.