ВОЈО МАНЕВСКИ

За разлика од другите игри, кај шахот е сеедно дали се игра на домашен или на туѓ терен, публиката (или кибицерите) секако мора да молчи. Така, пред да започне играта, противниците се во рамноправна положба. А потоа сѐ зависи од умешноста, предвидувањата на потезите на противникот и способноста играта да се води како целина а не како активност на еден дел од неа, непосредно пред повлекувањето потег.

Има ли мудрост во староста? Дали се подразбира дека, ако некој е стар, тоа значи и дека е мудар? Јас би рекол не. Таа, староста, си доаѓа како природен процес на стареење на организмот. Но, искуството кое се насобрало низ тој процес би требало да овозможува согледување на целата слика, а не само на актуелниот дел од неа. Како во шахот. А за да се биде стар и мудар, потребно е прво да се биде млад и неискусен.

Важи ли оваа законитост и кога се работи за некаков колективен ум или за мислење на народ? Ако се суди според преовладувачкото мислење на мојот народ, тогаш заклучокот е  – овој народ и покрај својата биолошка старост не станува помудар туку е само стар, а богами и без доволно памет! Пред сѐ, затоа што секаква креатура што научила да пишува се повикува на некакво мислење на народот. А штом нешто е лесно употребливо, а плус и не чини пари, тогаш е и малку вредно. Затоа нечие образложение за неговите  постапки дека тоа го прави на „барање на народот“ нема сериозна основа, а може да биде и многу, многу опасно, за истиот тој народ.

Читав една колумна на мој постар  колега на темата народна волја и демократски избор и сметам дека која било дискусија на оваа тема стана беспредметна пред логиката на фактите кои таму се изнесени. Јас само по обичај да поставам неколку прашања.

Како се нарекува состојбата кога народот е убеден дека она што го прави е негов интерес, а всушност цело време се работи за туѓ интерес? Заблуда?

Заблудата кај граѓаните ја прават вештите манипулатори кои своите цели ги преставуваат како колективни, а после истиот тој народ од нив прави митови. Споменете си која било историска величина и подразмислете малку. Веројатно заклучокот ќе биде дека биле добри манипулатори.

Изреката „крајот го краси делото“ е резултат на искуство кое станало мудрост. Може ли некој да каже што ќе се постигне со забавување или напуштање на европерспективите? Не, не, никој нема да нѐ нападне и да троши свои ресурси за цел која е веќе постигната со други средства. Без реформи нашата држава можеби и бргу ќе стане нефункционална организација. Трите економски показатели според кои се оценува дали една заедница е држава или  политички провизориум се:

Производство на храна за своето население во доволни количини. Производство на енергија доволно за домашната економија која со цените станува конкурентна на пазарот. Трговскиот дефицит да е мал или извозно ориентираната економија да произведува суфицит во надворешно економската размена и да ја намали потребата од  задолжување.

Ќе почекам „експертите и аналитичарите“ да ми кажат по кој од овие параметри за сите овие 30 години Македонија може да се оцени како држава?

Ако се покаже дека е тешко одржлива, државата станува скапа и нема да е во можност да се задолжува повеќе, поради големи претходно акумулирани долгови. Таа држава не може да се санира со економски, па неопходни ѝ се политички мерки, а тоа значи нејзино прекројување. И каде сме на овој план, почитувани сограѓани?

Нефункционирањето на правната држава не е само проблем за граѓаните на нашата држава туку станува и проблем за оние „странски инвеститори“ кои вечно се во потрага по профит. Притисокот ќе се зголемува и ќе се бара функционален излез од состојбата, а тоа повторно значи политичко решение и прекројување. И можеби не само политичко прекројување, туку и географско. Пу, пу, скраја да е, ама…!

Само да погледнеме кој губи а кој добива со продолжување на ваквата состојба во наредните десет години.

Нашите соседи и нивните ментори во своите геостратешки игри на моќ и профит ја привршуваат својата шаховска партија. Не сум сигурен дали играме, дали сме ние шаховската гарнитура со која другите играат, дали кибицираме, или воопшто не сме во салата каде се игра и чекаме пред вратата да ни го кажат резултатот.

Грција ги разреши состојбите со привременоста на своите сонародници доведени од Мала Азија и Понт и сега можат да ги тргнат придавките на имињата на населените места во Егејска Македонија. Нема потреба од она „НЕА“ пред многу имиња затоа што нема опасност од било кое враќање на некогашните. Сега може да им се дозволи на грчките граѓани „славомакедонци“ да учат и свој јазик и да пеат песни и играат оро на свадбите и верските празници. Грција ја искористи својата позиција и мудро си ги заштити своите интереси.

Бугарија ќе прави низа сопки во нашиот европски пат, ако воопшто излеземе на него. Заблудата кај нас е што се пењавиме овде поради некаква бугаризација. Ех, почитувани мои сонародници, па ние не ја согледуваме намерата – завршување со македонското прашање кое е старо повеќе од еден век. Влегувањето на Македонија во ЕУ ќе значи и обединување под еден политички покрив на сите Македонци. А тоа никому не му одговара, никому што учествувал во разрешување на македонскиот јазол, од пред еден век, па до денес. Со завршување на овој процес, Бугарија конечно добива нација и митови околу кои ќе се гради таа во иднина. Нема Бугари со македонско потекло кои постојано се удираат во гради за некакаво славно минато во кое ги нема кан Аспарух и кан Крум. Сичките се б’лгари и тоа од  Винчанската култура до денес. Бугарија станува мудра.

Србија разрешува цела низа свои проблеми. Пред да објаснам само да потсетам. Од каде ни беше евтиното жито, брашно, пченка? Се сеќавате ли каде одеа наши сограѓани да се вакцинираат? Како после толку спорови речиси без отпор помина во Србија признавањето на МПЦ?

Одговорот нема потреба да ви го давам јас, потребно е да излезете во првото кафуле или на некоја свадба. Која музика се пее и свири? Кој е тој културен образец што е доминантен? Сте слушнале ли за манастир Тумане? Него го посетија  повеќе  мои сограѓани отколку што отидоа до Лесновскиот манастир. Рокерската генерација која читаше Мелоди Мејкер и одеше на концерти на Токинг Хедс  во Австрија и Грција веќе полека се сели на концерти во вечните музички води на небеската музика и таа врска со светските движења во уметноста се намалува, оставајќи место на тралалајки од разни балкански тезгаџии, пред сѐ, од поранешните југословенски простори. Уф, ќе заборавев… Колку се слуша бугарска музика или се читаат бугарски писатели?

Српските интелектуалци сѐ помалку повикуваат на светата земја Косово, а сѐ повеќе на јавноста ѝ сервираат заклучоци за манастирите од среден век  на Милутин, Стефан, Душан изградени во Македонија. Слушнете само што Милан Ст. Протиќ изјавува десетина пати. И покрај заглушувачката пропаганда за резолуцијата 1244, мудрите политичари во Србија знаат дека некое решение мора да се најде во следниве години. Да се занемарат интересите на Европа која во Србија отвори 600.000 нови работни места не доаѓа во предвид.

Значи, некаков излез на јазолот на Косово мора да се најде. А каде? Како да се задоволи и српската дебело изманипулирана јавност? Мене прво ми доаѓа на памет – со вмешување во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Македонија. Обидот за надвладување на српското влијание во Црна Гора изгледа пропадна под тежината на бродовите на шестата флота на УСА. Процесот во Босна и Херцеговина е обременет со исто такво комплицирано прашање со Бошњаците. Директна пенетрација на Туркије на 500 километри од Виена е недозволиво. Значи, Бошњаците мора да бидат во некаква заедница, па колку и да биде таа нефункционална.

Останува процесот да се заврши кај нас со задоволување на разни апетити, а секако сите не сметаат ситна монета за поткусурување. Моделот на Заедницата на српски општини во Косово може да се преслика и во Македонија. Следејќи го водењето на анти-албанското расположени кај низа неодговорни јавни дејци, изгледа дека оваа цел може да се постигне и тоа без многу противење на Македонците. „Нека си плаќаат струја, нека се корумпираат самите, ние имаме само штета…“ е некакво мислење што почнува да се зацврстува, помогнато со разни романтично националистички изјави на лидери на партии со албанско членство. Заедно со с поголемото настојување да се покаже дека во државава ништо не функционира и сѐ пропаѓа, поделбата на Македонија изгледа како добро решение. Дали тоа ќе биде преку кантонизација или друг облик на разлабавување на државата е техничко прашање за основата која веќе дебело се подига.

Албанија станува мудра доведувајќи ги сите Албанци под ЕУ политички покрив.

И на крај, сите овие рокади, ЕУ или француски комбинации, ќе мора да поминат низ некаква демократска шминка или покривка. На пример, ќе се распише референдум за конфедерација со Србија во деловите каде Македонците се мнозинство и – ај погодете кој ќе биде резултатот? Оние што се описменуваат преку социјалните мрежи нема да се од помош кога сѐ е претставено како да е интерес на македонскиот народ. И на крајот, сите среќни и весели а македонскиот јазол ќе биде разврзан. А бре Александар, најде да го сечеш Гордиевиот јазол, каде си сега да го решиш Македонскиот? Во нечии други раце е остриот меч…

Не ви се верува мои почитувани читатели? Ви се чини како фикција? Можеби не можете да го прифатете фактот дека во овој процес на одумирање на државата на Македонците голем удел има партијата која во своето име го има запишано залагањето за национално единство на македонскиот народ и митот за неговата борба за сопствена држава. Изгледа неверојатно нели?

Можеби, но секогаш ваквите планови и процеси се прикажувани како неостварливи за да на крај се увиди дека единствено тие се остварливи и можни. Апсурдот и не е важен, затоа што тој е апсурд само за нас, а не и за главните актери. До следната колумна, ве замолувам да прогуглате и побарате – вмро војвода за тетовскиот и гостиварскиот крај, па ќе ви стане јасно дека нештата и не се менуваат многу, се менуваат извршителите на плановите кои само во нијанси се прилагодуваат на совремието.

Играчите кои се, прашува еден мој пријател, играат јавно или од зад параван наредуваат потези? Па пријателе, еден од играчите од пред сто години е моментално на друг турнир во рамнините на Украина, а овде на главното столче седи Вујко Сем, додека сите други се присутни и како кибицери шепотат со цел да наметнат некој свој потег. На другата страна треба да е некој наш политичар, ама бидејќи такви што знаат да играат политички шах немаме, столчето е најчесто празно и Вујко игра со замислен противник, само колку да се каже дека има некаква игра. А и не мора многу да мисли, до него е ливчето на кое однапред се запишани потезите на двете страни. Затоа не треба да се чудиме зошто на оваа шаховска табла, секогаш ние губиме.

Ој, ха  – што би рекол Шќепан Шчекиќ!

Превземено од Цивил Медиа