Северна Кореја денеска истрела повеќе балистички ракети, што ги натера жителите на централна и северна Јапонија да побараат засолниште.
Лансирањето дојде еден ден откако Северна Кореја истрела најмалку 23 проектили, од кои еден падна во близина на јужнокорејските територијални води.
Жителите на префектурите Мијаги, Јамагата и Нигата во северна Јапонија беа предупредени да бараат засолниште во затворени простории.
Во предупредувањето било наведено дека проектилот ја прелетал и поминал Јапонија. Сепак, јапонското Министерство за одбрана подоцна соопшти дека ракетата не прелетала над јапонска територија, туку паднала во Тихиот Океан на 1 100 километри источно од Јапонија, објави телевизијата ФНН, повикувајќи се на владини извори.
На 4 октомври, Северна Кореја лансираше балистичка ракета над Јапонија за првпат по пет години, што предизвика предупредување до жителите таму да се евакуираат.
Новинската агенција Јонхап објави дека овој пат тоа може да биде и оружје со долг дострел.
Околу еден час по првото лансирање, јужнокорејската војска и јапонската крајбрежна стража пријавија второ лансирање од Северна Кореја.
Откако Северна Кореја истрела најмалку 23 проектили во морето во средата, вклучително и еден која слета на помалку од 60 километри од јужнокорејскиот брег, јужнокорејскиот претседател Џун Сук-јол го опиша лансирањето како „територијално навлегување“, а Вашингтон го осуди како „непромислено“.