Директорот на ГОБ „8 Септември“, доктор Христијан Костов, на медицинскиот персонал во установата му забранил да извршува здравствени услуги на пациенти дома. Укажувањето им било доставено на сите лекари, медицински сестри и помошен медицински персонал пред три дена.
Поради сознанија дека вработени во болницата извршуваат здравствени услуги на пациенти во домашни услови, ви укажуваме дека ваквите активности се строго забранети. Секое непочитување на ова укажување од страна на вработен во болницата, ќе биде најстрого санкционирано. Со укажувањето да се запознаат сите вработени на одделите и на одделенијата и да се спроведе преку раководителите, пишува во документот до кој дојде „Слободен печат“.
Неофицијално, од граѓани што имале ковид-позитивни пациенти на домашно лекување дознаваме дека за илјада денари можно било медицинска сестра од ГОБ „8 Септември“ да дојде дома и да аплицира терапија, инфузија и потребни медикаменти на барање на семејството и тоа се случувало во Скопје. Директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов го прашавме дали пописот на медицински препарати, инфузии и медикаменти покажал дека од болницата тие недостасуваат, односно дали се крадат.
Тоа се муабети што ги чув, без доказ, без ништо, дека се изнесувале инфузии. Наредбата ја издадов за да се предупреди персоналот дека тоа не смее да се прави. Слушнав, но дали се од кај нас инфузиите, не знам. Немам доказ црно на бело дека се изнесувани инфузии, но морам да превенирам. Но, нека има наредба, нека знаат дека ќе биде санкционирано. Ако имам еден доказ, ќе летаат од работа, не смее да се крадат државните ресурси. Мора да се заштитам како директор и да ја заштитам установата – рече доктор Костов.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат нема надлежност да постапува за случаи на лекување во домашни услови. Неофицијално, во засебен случај, инспекторите се на трага на голем скандал со лекување во домашни услови од доктор и медицинска сестра, со ампули што во аптека не може да се пронајдат и купат, туку служат само за болничко лекување, а на пациентка што починала ѝ биле аплицирани дома. За овој случај уште нема официјална потврда од ДСЗИ, но нашите извори од медицински кругови велат дека таков случај во моментот се испитува.
Повеќе на линкот
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.