Комисијата за заразни болести препорача укинување на сертификатите задолжителни за влез во моловите, односно онаму каде што не е задолжително носење маски.

– Донесовме еден заклучок, а тоа е да се препорача укинување на сертификатите задолжителни за присуство на моловите, односно каде не е задолжително носење маски. Ова е еден чекор во насока на олеснување на рестрикциите, но секако за следнитот развој ќе бидеме многу внимателни, бидејќи не сакаме со нагло отфрлање на сите мерки да постигнеме неочекувани резултати, рече денеска на прес-конференцијата по состанокот, претседателот на Комисијата Александар Петличковски.

Од Комисијата за заразни болести посочија и дека од денеска почнува кампања за закажување термини за сите оние кои имаат нецелосна вакцинација, односно тие што немаат примено бустер доза, а спаѓаат во ризичните групи.

– Ризични групи граѓани, односно оние кои имаат над 65 години и имаат коморбидитети или помлади од 65, а имаат повеќе коморбидитети. Ќе им стигне СМС порака која ќе ги извести дека треба во точно одреден термин да го посетат пунктот за да бидат вакцинирани, информираат од Комисијата.

Маските во училиштата остануваат, бидејќи Комисијата денеска не расправала за ова, додека Владата се уште не ја разгледала препораката од Комисијата за продолжување на важноста на сертификатите за прележан Ковид 19 од 45 на 180 денови.