Култната серија „Sex and the City“ се враќа на малите екрани без Саманта, но затоа пак Кери, Миранда и Шарлот имаат нов пријател. Американската тв-серија сега ќе вклучи нов, родово-неутрален лик, Че Диаз, а улогата ќе ја толкува 45-годишната Сара Рамирез.
Ликот на Че Диаз е опишан како „небинарен, квир стенд-ап комичар кој е домаќин на подкаст на кој редовно се појавува Кери Бредшо“. Че – кој, исто како и Рамирез, користи неутрални заменки – ќе му донесе одредена доза на свесност на триото, што всушност е добредојдено, бидејќи оригиналниот пакет од четири овојпат останува без Саманта Џонс, откако беше објавено дека Ким Катрал нема да игра во новата серија.
Покрај тоа што освои „Tony“ награда за најдобра споредна женска улога во мјузиклот за „Monty Python’s Spamalot“ во 2005 година, Рамирез влезе во историјата и како најдолго присутен ЛГБТИ тв лик – ортопедскиот хирург д-р Кали Торес во серијата „Grey’s Anatomy“.
Рамирез се изјасни како небинарна личност минатата година.
Сара Џесика Паркер пак, која покрај главната улога, се појавува и во улога на продуцентка, открива дека пандемијата исто така, ќе биде дел од заплетот на серијата. Паркер додаде дека не бараат замена за ликот на Саманта.
„Не бараме човек за четвртата улога – си го имаме Њујорк! Ќе има еден куп нови ликови, само што никој од нив нема да биде во улога на „замена“ за Саманта“, вели таа.
„И така…“, што е насловот на лимитираната од 10 получасовни епизоди, се очекува да започне со снимање во Њујорк ова лето.