Сер Елтон Џон и оддаде почит на „милоста и пристојноста“ на тукушто починатата британска кралица Елизабета Втора на концертот во Торонто, Канада, одржан вчера.
Пејачот ѝ беше пријател нејзе и на кралското семејство, па лани беше одликуван и со „Орденот на Придружбата на честа“ (Order of the Companions of Honour), каде што членството е ограничено на 65 луѓе. За време на неговиот концерт во „Роџерс центарот“, сер Џон им се обрати на обожавателите.
– Денеска ја имаме најтажната вест – онаа за смртта на Нејзиното височество, кралицата Елизабета. Беше инспиративно присуството да се биде во нејзина близина!, истакна прочуениот пејач.
Публиката од 50.000 ракоплескаше додека сликата на кралицата стоеше на големиот екран.
– Имам 75 години, таа е со мене цел живот и се чувствувам многу тажно што повеќе нема да биде тука, со мене. Но, мило ми е што е во мир, мило ми е што конечно најде мир и го заслужи тоа. Работеше напорно. Ја испраќам мојата љубов до нејзиното семејство, најблиските и, таа ќе ни недостига на сите. Но, нејзиниот дух живее, а ние вечерва го славиме нејзиниот живот со музиката, изјави сер Џон.
Откако ѝ оддаде почит, следеше емотивна изведба на „Don’t Let The Sun Go Down On Me“.