Претставничкиот дом и Сенатот на американскиот Конгрес, синоќа изгласаа привремена мерка со која се продолжи финансирањето на сојузната влада за еден ден за да избегнат нејзино затворање.
Ова беше изнудено поради презафатеноста на законодавците оваа недела со работа околу донесување на вториот пакет на економски мерки вреден 900 милијарди долари за помош на милиони Американци во услови на пандемијата на ковид-19 во САД.
Привремената мерка беше усвоена едногласно. Дискусиите за одобрување на сумата на сојузниот буџет за наредната фискална година (трае до 30 септември 2021 година), продолжуваат денеска. Гласањето најверојатно ќе се случи до вечер.
Затворање на владата можеше да се случи синоќа од полноќ, доколку мерката не беше изгласана. Таа потоа беше итно потпишана од претседателот на САД, Доналд Трамп. Слично продолжување на финансирањето на сојузната влада, но за една недела, претседателот потпиша на 11 декември.
Денеска треба да биде објавена и конечната верзија на вториот пакет економска помош што вчера беше одобрен од американскиот Конгрес.