Родители на тригодишно дете кое е со нежно здравје уште од самото раѓање треба да платат казна од 300 евра затоа што побарале одлагање на вакцина, бидејќи детето имало исклучително ниски параметри на хемоглобинот во крвта.
Детето е анемично, хемеоголбинот му е само 66, а треба да биде од 115 до 175. Но, докторката кај вакцините не’ убедуваше дека тоа не било ништо, за разлика од неколку други лекари кои ни го кажаа токму спротивното. Да е ниска граница ќе биде 115, 110 на пример, не е проблем. Ова од најниската граница, е дупло послаб. И матичната ѝ рече, не чини, слаб имунитет, железо, детево е анмично, појдете за да си знаат кај вакцините. Отишла женава со детево, но докторката ѝ рекла – нема гајле, јас гарантирам, вели за „Алфа“ таткото на детето, Владимир Швацов.
И токму овде настанал проблемот. Според Швацов, бидејќи мајката не се согласила детето тогаш да ја прими вакцината, била принудена да потпише како трајно да ја одбива, иако всушност барала само одлагање. Докторката ја условила со враќањето на здравствената книшка.
Две недели не поминаа и од Инспекторатот ни стигнува казна. А заборавив да напоменам дека ни рекоа дека вакцината е за тетанус. Кога стигна казнава, видовме дека не е само за тетанус, туку има и други пет болести, значи шествалентна е. И со слаб имунитет, не знам дали е во ред, не ми е некако сфатливо…Инспекторката, а и Скопје кај што го пренесле документот, не знаат дека дететво е со слаб хемоглобин 66. Тие знаат дека ние сме, пример богаташи, имаме многу пари и ќе дадеме пари да не го вакцинираме детево оти не пишува нигде дека е слабокрвно, анемично, посочува Швацов.
Швацови тврдат дека не се против вакцинирањето. Велат, затоа и редовно се јавувале во Вакциналното одделние, особено оти нивното синче е со нежно здравје. Ама во никој случај не очекувале дека ќе бидат казнети оти побарале одлагање, а кое било по препорака на лекарите. Од Инспекторатот им укажале дека доколку детето го вакцинираат до 13-ти октомври, казната ќе им била поништена. Но родителите се загрижени што детето и во моментов било болно.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.