Три дена по катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, надежите за пронаоѓање преживеани под урнатините исчезнуваат. Семејствата чекаат пред урнатите објекти, во кои останале заробени нивните најблиски. Според Агенцијата за управување со катастрофи, повеќе од 110.000 спасувачи се вклучени во операциите за пронаоѓање на преживеани, а повеќе од 5.500 возила се испратени во областите погодени од земјотресот.

Како што продолжува потрагата по можни преживеани, бројот на загинати расте.

„Сега сме четврти ден. Спасувачките тимови работат напорно за да ги спасат затрупаните луѓе. Да беше прв или втор ден, можевме да ги спасиме живи. Веќе ја изгубивме надежта по толку многу денови, тие се заробени на приземјето“, вели Хусеин Калкан, член на семејството.

„Ги спасивме вујко ми и неговите два сина. Среќни сме поради ова. Бевме спасени пред неколку часа. Во моментов се во болница, во добра здравствена состојба, но ја загубивме сопругата на вујкото“, додава Џингис Табур, член на семејството.

Тажни слики доаѓаат и од Сирија. Се прават очајни напори за спасување на луѓето за кои се верува дека се уште се под урнатините.

Сепак, обидите да му се помогне на регионот се невозможни поради тековната војна и изолацијата на регионот под контрола на бунтовниците долж границата, кој е опкружен од владините сили поддржани од Русија.

Земјотресот што уништи илјадници згради во Турција и Сирија е еден од најсмртоносните во светот во повеќе од една деценија.

Алсат