Веќе во вториот месец од мандатот Арсовска не работи ништо. Бега од новинари, поништи оглас за вработување на 20 пожарникари и останува запаметена по сообраќајниот хаос низ градот што граѓаните го гледаат секое утро и секое попладне, велат од СДСМ.
Од владејачката партија воедно додаваат дека скандалозен е последниот потег на Арсовска да го прекине проектот Бас Рапид Транзит, кој се спроведуваше со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
-Три години се работеше овој револуционерен проект кој има за цел да внесе нов систем на ефикасен и еколошки јавен превоз во главниот град. Многу важен за скопјани.
Со средства од ЕБОР и со средства од градскиот буџет, направени се истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство, како и проект за првата траса.
Беше потпишан и Договор со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси на БРТ системот.
Сега, заради лични хирови, Арсовска го укинува овој проект кој што веќе е во процес на реализација и од висок интерес на скопјани.
Овој потег на Арсовска, освен што е против интересите на скопјани, е на директна штета на градот но и на државата, пред меѓународни финансиски институции како што е ЕБОР, изјави Стефан Васев од СДСМ.