На еден месец од почетокот на серијата од 20.000 земјотреси, ситуацијата на Санторини не е многу подобра. Не престануваат земјотресите со среден интензитет, не е исклучена опасноста од најголемиот од шест степени според Рихтеровата скала, тимови од сеизмолози и геолози ги следат промените во структурата на островот и морското дно каде „спијат“ вулканите.
Што понатаму, се прашуваат неколкуте што останаа по егзодусот на 12.000 жители кои во паника го напуштија Санторини првите денови. Признаваат замор, исцрпеност од непроспиените ноќи и денови, страв од очекување на најголемиот земјотрес, вознемиреност поради збунетоста на експертите кои и самите се во недоумица за зачестеноста и бројот на земјотреси, феномен со кој никогаш во пракса не се сретнале – а самите талкаат со понудените теории.
Загрижени се и за туристичката сезона која требаше да започне во март, но која е се понеизвесна. Првиот удар е откажувањето на приклучувањето на бродовите за крстарење, кои избраа други пристаништа поради ситуацијата на островот. Досега имало три брода за крстарење, но тешко дека нешто ќе се промени до Велигден, кој е голем празник за Санторини. До јуни, 170 бродови за крстарење беа планирани да се закотват и над 800 во текот на целата сезона, што отсекогаш бил најголемиот извор на приход на островот, бидејќи вклучува најмалку 1,5 милиони гости кои ќе се симнат накратко во текот на сезоната. Дополнително ја влошува состојбата и фактот што поради лизгање на земјиштето е блокиран пристапот кај пристаништето Антинис и што е прекината жичницата која е главното превозно средство од пристаништето до Фира.
Во моментов се повеќе агенции „замрзнуваат“ нови резервации, а во исто време се зголемува бројот на откажувања за периодот околу Велигден. Интересот од тур-операторите е значително намален, особено за резервации од САД, кој е еден од најважните пазари за островот.
На островот има 17.000 хотелски кревети и уште 40.000 во приватно сместување, со работна сила од околу 70.000 луѓе, што сега е под знак прашалник. Само угостителскиот сектор кој опфаќа 712 кафулиња и ресторани има потреба од илјадници работници, а како што стојат работите оваа сезона ќе има недостиг од работна сила. Засега нема луѓе кои изразиле желба да се вратат и да работат во Санторини во текот на летото.