– Не знам кој ќе биде мојот наследник и дали има нешто дефинитивно. Искрено, не сум во тек. Дневната политика никогаш не сум ја следел, затоа што имаме многу ангажмани во Министерството за здравство. Се трудам мојата мисија се додека сум тука, до последен ден, да ги исполнам моите ветувања што сум ги дал пред јавноста и во соработка со новинарите, истакна министерот за здравство Беким Сали, кадар од редовите на Алтернатива, околу наводите во медиумите дека Алијансата за Албанците за влез во Владата преговара за овој ресор.

Не знам, посочи Сали, дали дефинитивно се откажале од името, меѓутоа даваат можност доколку името Беким Сали е пречка имаме други имиња кои можат да раководат со овој ресор, меѓутоа не по секоја цена.

Треба да се дефинираат работите, дали индивидуата или политиката е приоритет, рече министерот Сали при посета на Клиничката болница Тетово по повод промоција на нова медицинска опрема во вредност од 3.2 милиони евра.

Како што рече, не верува дека денешниот е негов последен јавен настан како министер и најавува дека во текот на оваа недела сигурно ќе ги промовираат сите центри кои што добија опрема од соработката со Светска банка.

-Најмалку уште пет пати ќе се гледаме, а за понатаму ќе видиме, посочи Сали

Тој изјави дека нивната мисија е функционализирање, со цел децентрализација на здравствените услуги од Клиничкиот центар во другите регионални болници или градски болници.

-Една година во оваа функција, мислам дека има доволно да се каже за тоа што сме направиле. Здравството и десет години да сте министер, немате да стигнете до крај. Поради спецификите на здравството, нема да стигнете до финалната мисија, меѓутоа многу е битно тоа што ќе до кажете јавно, да го одржите и да работите кон тоа. Сите директори на јавни здравствени установи се во тек како ние работиме и во се што ги поддржуваме нив и како ги функционализираме повеќе ЈЗУ-та, за разлика од минатото кога се гаснеа одредени оддели и функционирање на одредени оддели во болниците. Нашата мисија е функционализирање, со цел децентрализација на здравствените услуги од Клиничкиот центар во другите регионални болници или градски болници, рече тој.

На новинарско прашање без разлика кој ќе добие министерска места, дали Алтернатива ќе остане во Владата, министерот Сали рече дека тоа е прашање од висока политика што не е дел од Министерството за здравство.