Четврти ден владее молк и паника. Нема објаснување за трансакциите со акции меѓу фирмата „АС Сењак“ и компании поврзани со Сашо Мијалков, ниту пак за продажбата на истите акции на Алта Банка во Белград, банка блиска до режимот на Александар Вучиќ, вели Беким Сали од „Вреди“.
„Фактите се јасни: „АС Сењак“ е фирма со минимален број вработени и без реална дејност, но врти милиони евра. Приходите речиси целосно се совпаѓаат со тендерите добиени од општини предводени од ДУИ.
Со тие пари се купуваат акции од фирма на Мијалков, а потоа се продаваат на банката на Вучиќ. Само шест дена по продажбата, една општина предводена од ДУИ ѝ доделува на „АС Сењак“ два нови договори вредни 90 милиони денари – еден и пол милион евра. Тоа не може да се нарече случајност, туку исплата и награда за успешно завршена операција“.
Од партијата на Сали прашуваат: Али Ахмети, зошто твојата фамилија купуваше акции од Сашо Мијалков? Зошто токму тие акции завршија кај банката на Вучиќ? Дали тендерот од еден и пол милион евра беше наградата за тој договор? Колку станови, колку тендери и колку милиони евра чинат вашето „родољубие“?
Ова, според него, не е само политичка афера, ова е криминал кој бара итна одговорност.
„Парите на граѓаните очигледно се користеле за лични бизниси и за договори со структури кои работат против интересите на Албанците.
Времето на молкот заврши. Сега е време за вистина и правда.
Го повикуваме ДКСК и Јавното обвинителство итно да ги истражат овие противзаконски и криминални дејствија“.
Текстот Сали: „АС Сењак“, алката што го поврзува Ахмети со Мијалков и српскиот режим е превземен од МАКФАКС.