Во својата нова автобиографија „Unfinished“, Пријанка Чопра зборуваше за тоа со што морала да се бори додека се пробивала во светот на актерството откако на 18-годишна возраст победи на изборот за Мис на светот во Лондон во 2000 година.
Индиската убавица на тој начин откри дека еден филмски режисер ја советувал на почетокот на нејзината кариера да „направи нови гради“ и да „ги поправи пропорциите“ – а за жал и тогашниот менаџер на Пријанка се согласил со него.
– По неколку минути разговор, режисерот ми нареди да станам и да се свртам малку за него. И да, го направив тоа. Зјапаше во мене долго и напорно, проценувајќи ме, а потоа ми предложи да ги зголемам градите, да ја поправам вилицата и да додадам малку волумен на задникот… Рече дека познава одличен лекар во Лос Анџелес, кај кого може да ме испрати.
Згрозена ја напуштив неговата канцеларија. Дали беше во право? Дали навистина нема да можам да бидам успешна ако не го коригирам сопственото тело? Долго време се прашував дали воопшто сум соодветна за оваа работа, за глума, се сомневав во себе затоа што изгледам поинаку, во моите очи одеднаш станав толку мала, безначајна – напиша Пријанка.
Во интервју за Metro UK Чопра неодамна изјави дека со текот на времето, бројните критики за нејзиниот изглед ѝ станале „нормални“.
– Никогаш немав храброст да се заземам за себе. Ми зборуваа: ‘Не биди досадна, нова си во индустријата, не сакаш да имаш репутација на девојка што предизвикува проблеми, не сакаш да бидеш позната како една од оние со кои не е лесно’. И јас „паднав“ на тоа, иако се сметам за напредна и паметна. Со тек на времето, научив да се позиционирам поинаку, но тогаш бев преплашена – откри 38-годишната ѕвезда на ТВ серијата „Квантико“ и филмот „Спасувачка служба“.