Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека силно го поддржуваат предлогот на Европската унија за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија и ги повикаа лидерите на двете земји да бидат конструктивни.
„Очекуваме двајцата лидери да пристапат на состанокот во конструктивен дух неопходен за да се продолжи напред во согласност со него“, се вели во одговорот на Стејт департментот за Гласот на Америка на 24 февруари.
Во Брисел, според најавите, на 27 февруари, ќе се сретнат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти.
Тие ќе разговараат за планот поддржан од Европската унија (ЕУ) и САД, познат како француско-германски предлог за идните односи меѓу Косово и Србија.
Стејт департментот соопшти дека е важно Србија и Косово да ги искористат разговорите за да ја изразат својата посветеност за мирна иднина на регионот.
„Србија и Косово треба да постигнат сеопфатен договор преку дијалог. Ние веруваме дека нормализираните односи меѓу Косово и Србија на крајот треба да бидат насочени кон взаемно признавање. Напредокот во дијалогот ќе ја отвори вратата за европска интеграција и е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на Западен Балкан “, се наведува во писмената реакција на Стејт департментот.