
Соединетите Американски Држави работат на „план Б“ со Украина за извоз на пченица од земјата откако Русија го нападна пристаништето Одеса, изјавија од американската агенција за меѓународен развој.
„Планот Б вклучува патишта, железници и реки и испраќање бродови и поправање на железничките системи за да се поврзат со системите во Европа, за што поскоро да започне извозот на пченица“, изјави Саманта Пауер.
Околу 20 милиони тони пченица и пченка се блокирани во пристаништето во Одеса. Таа рече дека се надева оти договорот за пченица ќе функционира и покрај потегот на Русија „веднаш да му сврти грб“ на договорот со напад на Одеса – главното пристаниште именувано во договорот.