Покрај искоренување на корупцијата, во предлог-легислативата за помош и поддршка на земјите од Западен Блакан, што минатата недела ја претставија група американскји сенатори, се наведува и дека САД ги признаваат јазиците и ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот.
Advertisements
Сенаторката Џин Шахин, претседателка на Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, објаснувајќи што предвидува предлог-легислативата за регионот, за Гласот на Америка вели дека државниот секретар на САД ќе може да им нуди техничка помош на државите од Западен Балкан, кои сакаат да развијат национални стратегии за борба против корупцијата.
– Справувањето со корупцијата е многу важен дел. А, она што го прави легислативата е да го овласти државниот секретар да обезбеди техничка помош на земјите кои бараат помош при адресирање на нивните предизвици со корупција, рече Шахин.
Во врска со делот од предлог-легислативата во однос на јазиците и како гледа на тоа што Бугарија го негира постоењето на македонскиот јазик, Шахин признава дека „постојат долгогодишни историски разлики меѓу етничките групи и земјите во регионот“.
– И додека гледаме како да одиме напред во иднината, мислам дека е важно да се обидеме да решиме некои од тие долгогодишни предизвици што постојат, исто како што видовме како Грција и Северна Македонија конечно ги решија нивните разлики околу името и што тоа значеше за културите на двете земји. Треба да видиме повеќе од тие видови компромиси, кои ќе им овозможат на земјите да одат напред и да се фокусираат на иднината, наместо да бидат заглавени во минатото, изјави Шахин.
Според неа, лидерите на Балканот треба да се фокусираат на интеграцијата во Европската Унија, а не на промовирање конфликт.