Бугарскиот и грчкиот министер за транспорт, Николај Сабев и Константинос Караманлис, на работната средба во Софија денеска најавија дека нивните земји ќе вложат максимални напори за подобрување на транспортното поврзување меѓу двете земји.

Според Сабев, има договор за отворање повеќе гранични премини меѓу Бугарија и Грција, како и договор за поврзување на Јонското со Црното Море и како ќе се развива транспортниот коридор што ги поврзува Солун, Софија, Видин, Арад и Централна Европа.

Сабев најави дека грчката страна најавила намера годинава да го отвори граничниот премин кај Златоград, каде грчките власти сè уште не пропуштаат возила и граѓани поради ограничувањата наметнати од Ковид-19. Заедно со него, и натаму е затворен и граничниот премин на бугарско-грчката граница кај Ивајловград. Тој додаде дека двете соседни земји ќе работат и на развој на железничкиот транспорт меѓу нив.

-Многу ми е драго што сме договорени за овој голем проект, што треба да го поврзе Александропулис со пристаништата на Црно Море, а потоа да го продолжи поврзувањето со Констанца, Романија, изјави грчкиот министер за транспорт Константинос Караманлис.

Според него, Бугарија и Грција отвораат нова страница во транспортните односи.

Бугарија има намера да купи 20 отсто од пристаништето Александропулис.