Бројот на жртвите на рускиот напад што уништи станбена зграда во Днепар на истокот на Украина порасна на најмалку 35, меѓу кои две деца, а десетици се ранети, објави гувернерот на тој регион, Валентин Резниченко.
„Триесет и девет лица се спасени, а 75 се повредени. Судбината на 35 други жители на зградата е непозната“, информира Резниченко на социјалните мрежи.
Продолжуваат операциите за расчистување на урнатините на зградата уништена од руските напади во саботата, но сè помалку има надеж дека под нив сè уште има преживеани. Нападот на Днепар беше најжесток од неколкуте во саботата.
Раководството во Киев остро ги осуди нападите врз цивилното население и постојано зборуваше за „руски терор“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави вчера дека спасувачите продолжуваат да бараат преживеани и „се борат за секој човек“.
„Спасувањето ќе продолжи сè додека постои и најмала шанса да се спаси живот“, порача Зеленски.
Тој им се заблагодари на сите што испратија пораки со сочувство и поддршка.