Откако Владимир Путин најави делумна мобилизација, Русите почнаа масовно да ја напуштаат земјата, авионските билети се распродадени, а цените на летовите во еден правец достигнаа неколку илјади евра. Русите се обидуваат да ја напуштат земјата и со автомобили.

Бескрајна колона автомобили е формирана на руско-грузискиот граничен премин Верхниј Ларс. Границите на Грузија се уште се отворени, но, според извештаите на медиумите, на некои мажи на воена возраст им е забранет влезот во земјата.

Во исто време, бројот на Руси кои се обидуваат да влезат во Финска расте од час во час. Тоа е единствената граница која сè уште е отворена за руските цивили со шенген визи, кои се обидуваат да ја напуштат земјата откако Путин објави дека ќе испрати 300.000 нови војници во Украина.