Романот „Последните денови на Ханс“ од македонскиот писател Михајло Свидерски е преведен на бугарски јазик и објавен во издавачката куќа „Персеј“ од Софија.

– Младиот македонски писател Свидерски напиша роман, што го зазема местото на најистакнатите творби на новата европска литература, се вели во дел од насловите на објавите во бугарските медиуми, по повод новото издание на „Последните денови на Ханс“ во Бугарија.

Романот, со исклучителен психологизам, се бави со актуелни теми за слободата, самотијата, стравот и насилството што раѓа насилство.

– Овој роман иако објавен 2018 година, прави предвидување и на пандемијата која се случува две години подоцна во 2020 година. „Последните денови на Ханс“ е дело кое го надминува балканскиот регион и се вбројува во делата од светски ранг, сметаат бугарските критичари за најновиот превод на Свидерски во Бугарија.

Михајло Свидерски е автор на неколку збирки поезија и на романите „Бело и Црвено“ (2014), „Последните денови на Ханс “(2018) и „Синовите на Адам“ (2022). Преведуван е на повеќе јазици и добитник на неколку домашни и меѓународни книжевни награди.