Лекар специјалист му отворил боледување на првообвинетиот Илија Спасески во времетраење од најмалку 15 дена, со што се одложи денешното судско рочиште за претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб Христијан Пендиков во Охрид, пренесува 360степени.

Правните застапници на одбраната доставија медицинска документација и воедно од судот побараа да му го врати одземениот пасош на првообвинетиот за тој да може да се лекува во странство, но судот ваквото барање експресно го одби. Откако се одложи рочиштето, надвор пред новинарските микрофони застанаа оштетениот Христијан Пендиков и неговиот адвокат Стефан Камишевски.

На новинарски прашања за тоа дали Пендиков се чувствува безбеден во земјава и дали добивал закани, тој рече дека секојдневно добива закани на социјалните мрежи кои уредно ги пријавува до МВР, но и до ОБСЕ

„Се надевам дека одиме нанапред, дека имаме поотворено мислење, не треба да се тепаме поради национално чувство. Не е добро никој да биде тепан и омаловажуван поради својата национална припадност, рече Пендиков.

На прашање дали тој се знае лично со обвинетиот, Пендиков не доби шанса да одговори бидејќи неговиот адвокат не му дозволи. Тој рече дека сè што треба да се знае за случајот, Пендиков ќе каже пред судот на следното рочиште кое е закажано за 21 септември. Адвокатот Камишевски кажа и дека отсуството на Спасески кажува многу за случајот и побара одбраната да не наоѓа изговори.