Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија Неџати Јакупи направија увид во завршените реконструктивни работи на торакална хирургија.
Во реконструкцијата на одделот се вложени 60 милиони денари за комплетно реновирање на хируршките сали на оваа клиника, како и за набавка на најсовремена опрема.
Тоа е резултат на нашата целосна грижа за лекување на пациентите, бидејќи квалитетната здравствена услуга ни е на прво место. Со оваа реконструкција, која е дел од капиталните инвестиции во јавно здравствените установи, Владата на Република Македонија ја потврдува својата цврста определба за градење на одржлив и ефикасен здравствен систем кој ќе им биде силна потпора на граѓаните, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.
Во изминатите 4 години, додаде Заев, Министерството за здравство интензивно работеше на подобрување на условите во јавно здравствените установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници. Со заеднички сили реализиравме капитални инвестиции во реконструкции и инфраструктура во 32 здравствени установи ширум земјата.
Во рамките на целокупниот тој план денес се промовираат новите сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, целосно реновирани на начин на којшто ниту едни операциони сали тука во блокот, каде со години наназад се изведуваат најсложени оперативни интервенции, не се реновирани повеќе од 60 години. Сега благодарение на овие целосно реновирани операциони сали нашите лекари, експерти од сферата на васкуларната и торакалната хирургија ќе може да даваат здравствени услуги на пациентите какви што се даваат во најразвиените европски болнички центри. Тоа значи дека ѕидовите, подовите, протокот на воздух се направени по сите европски стандарди. Опремата која се наоѓа во салите нуди можност за нашите пациенти да добијат услуги од секаков вид и повеќе од сферата на торакалната и васкуларната хирургија нема потреба пациентите да се праќаат на лекување во странство“, нагласи министерот Филипче.
Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија Неџати Јакупи истакна дека паралелно со борбата со коронавирусот и функционирање во услови на пандемија во годината што измина е заокружена инвестицијата во реновирањето и опремувањето на хируршките сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и дека во вистинско време се вложуваат сите напори здравствениот систем во најдобри услови да работи и во интерес на граѓаните да се стави во функција.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.