Австралиската актерка Ребел Вилсон откри дека била жртва на вооружено киднапирање во Африка. Како што вели, таа и уште неколку нејзини пријателки биле киднапирани од група мажи, а биде држени во заложништво цела ноќ.

„Се случи тоа во Мозамбик. Неколку пријателки и јас се возевме во камион, а потоа до нас дојдоа луѓе полни со оружје“, изјави актерката за телевизијата „Sky“.

„Имаа големи пушки со кои ни се закануваа и не одведоа во една напуштена куќа. Сфатив дека всушност добро се снаоѓам во кризни ситуации, бидејќи се однесував како некој „водич на тимот“. Предложив да се држиме за раце една до друга, бидејќи се плашев дека на некоја од нас би можеле да и направат нешто во текот на ноќта“, објасни таа.

Следното утро киднаперите ги пуштиле, а Ребел Вилсон смета дека тие всушност го искористиле нивниот камион за шверц, па токму затоа ги симнале од возилото и ги држеле затворени во куќата.

„Наредниот ден само дојдоа и ни кажаа дека можеме да одиме и дека нашиот камион е подготвен. Неколку часа подоцна, веќе излеговме од Мозамбик. Веројатно не искористија за криумчарење на нелегална стока на дното од камионот“, смета актерката.