Нашите навивачи не го послушаа апелот на капитенот Стефан Ристовски дека сега е наш ред европски да ги пречекаме бугарските гости. Исвирканата химна и говорот на омраза од трибините предизвика бурни реакции во соседна Бугарија. На само пет дена пред парламентарните избори, бугарските политичари на фејсбук го осудија однесувањето на македонските навивачи.

„Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Бугарија – РСМ. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности“, рече Бојко Борисов – претседател на ГЕРБ.

„Правилна беше одлуката на БСП да не го поддржи приемот на РСМ кон ЕУ. Навредувањето на бугарската химна и извикувањето „Бугари-Татари“ покажува само едно – овие луѓе не созреале да бидат Европејци“, реагираше Корнелија Нинова – претседателка на БСП.

„Ова се извиците на благодарност со кои благодарните Македонци им се заблагодаруваат на „Продолжуваме со промената“, ГЕРБ, ДПС, „Демократска Бугарија“ и неутралната БСП што ги оставија да почнат преговори за членство во ЕУ“, рече Слави Трифонов – претседател на „Има таков народ“.

Јавна осуда за говорот на омраза пристигна и од Министерството за надворешни работи. Оттаму велат дека спортските настани претставуваат највисок израз на принципите на фер однос и меѓусебна почит.

„Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла. Северна Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи, како земји сојузнички во НАТО, идни партнери во Европската Унија и пред сè, добри соседи“, наведоа од МНР.

Реагираше и бугарското МНР. Од Софија велат дека ја нотираат реакцијата на колегите од Скопје, но воедно повикаа на, како што велат, неповратни чекори на официјалните власти за искоренување на антибугарската агресија во јавноста.

Лука Андреев