За официјална Софија усвоените измени во Законот за здруженија кај нас го попречуваат ефективното спроведување на Договорот за добрососедство. Од бугарското МНР соопштија дека постои силна загриженост, бидејќи, како што додаваат, постои опасност за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјава.

„Очекуваме властите во Република Северна Македонија да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на оние кои се идентификуваат како Бугари. Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови и верувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри“, наведуваат од бугарското МНР.

Оттаму го коментираат и новоформираното Консултативно тело во Министерството за правда кое ќе одлучува дали називот на одредено здружение се поврзува со фашизмот.

„Се поставува прашањето за наметнување на пристап во интерпретацијата на историските личности и настани базиран исклучиво на доминантната официјална интерпретација во Северна Македонија. Овој пристап објаснува зошто не постои желба да се деблокира работата на Мешовитата историска комисија“, додаваат од бугарското МНР.

Во вторникот, пратеници од власта и опозицијата, ги изгласаа измените со кои доколку веќе формираните здруженија во рок од три месеца не го променат својот назив, министерот за правда е задолжен да ги избрише од Централниот регистар. Иницијативата следуваше по отворањето на бугарските културни клубови во Битола и Охрид, со имиња на контроверзни личности од минатото, поврзани со фашизмот – „Иван Михајлов“ и „Цар Борис III“.

Лука Андреев