Албанскиот премиерот Еди Рама денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека Албанија е подготвена „да ја чека Северна Македонија“ за да не се одвојат двете држави во процесот на интеграција и дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од дневната политика.

Еди Рама денеска во Брисел зеде учество во редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија, на кој е донесена констатација дека  Тирана направила значителен и опиплив прогрес во сите клучни области и од земјите членки ќе побара одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство „најскоро што може“.

Рама одговарајќи на прашање за можноста да се одвојат Скопје и Тирана сега кога Северна Македонија е блокирана од страна на Бугарија, ја потенцира својата поддршка за земјава и изрази надеж дека лидерите во Скопје и Софија „ќе покажат мудрост и ќе го надминат спорот“.

Рама посочува уште дека бил „ужаснат“ кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Северна Македонија.

„Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на Северна Македонија и Бугарија, кои се мудри, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат, порача албанскиот премиер од Брисел.