Официјална Софија ќе им даде поддршка на бугарските културни клубови во земјава, каква и одлука тие да донесат. Од бугарското МНР информираат дека опциите се две – клубовите да ги променат своите називи или пак да бараат правда по судски пат. Од Софија претходно истакнаа дека со новите измени во Законот за здруженија се прекршува правото на здружување. Оттаму не веруваат дека било што ќе промени најавата законските измени да се испратат до Венецијанската комисија.

Advertisements

„Дали Венецијанската комисија ќе може да го спречи исполнувањето на законот – во практика не, затоа што одлуките на Венецијанската комисија се советодавни, а не задолжнителни. Исто така, една одговорна Влада, кога тргнува да бара мислење од Венецијанската комисија тоа треба да го направи во моментов, кога се уште е нацрт-закон, а не кога законот е веќе усвоен“, вели Жељазко Радуков – главен експерт на МНР на Бугарија.

Домашната стручна јавност пак смета дека Венецијанската комисија ќе го потврди усвоениот текст на законот. Според академикот Владо Камбовски оваа Комисија нема да оди против забрана на здруженија што шират национална омраза.

„Јас очекувам Внецијанската комисија да го потврди таквиот став. Не верувам дека таа ќе рече „да, може да формирате здруженија што ќе шират национална омраза или нетрпеливост“. Тоа ниедна држава не го допушта во светот. Тоа е спротивно на сите меѓународни стандарди и норми“, рече Владо Камбовски – академик.

Од Владата вчера комнетираа дека текстот на Законот ќе подлежи на скрининг од страна на Европската унија и не очекуваат да има дополнителни усогласувања. Новиот текст на законот беше усвоен во Собранието со поддршка од пратеници од власта и опозицијата. Со него се налага клубовите со контроверзни називи, како „Иван Михајлов“ и „Цар Борис III“ да се преименуваат.

Лука Андреев

Прикажи повеќе