Очекувам народните избраници да ја исполнат својата должност кон бугарските граѓани и државата и да го конституираат парламентот, рече за новинарите бугарскиот претседател Румен Радев кој во моментов е во Брисел.
Коментирајќи ги неуспешните обиди на бугарските пратеници да изберат претседател на парламентот трет ден по ред, Радев рече дека ако се продолжи со ова темпо ќе се доведе до целосна блокада на државата.
„Не само што има важни закони кои парламентот треба да ги донесе, туку и низа важни државни органи, кои се уставно формирани, а се во нецелосен состав или работат надвор од својот мандат. Ако продолжиме вака, ќе доведеме до целосна блокада на државата“, посочи бугарскиот претседател.